Волстрит Журнал: „Ривиерата во Газа“ на Трамп не е блеф, Виткоф и Кушнер веќе собираат архитекти и цртаат планови

Иако планот за реконструкција според договорот за прекин на огнот предвидува три до пет години, Виткоф е скептичен за таа временска рамка.

224
EPA-EFE/MOHAMMED SABER

Могулот за недвижности Стивен Виткоф, кој до пред еден месец немаше формално дипломатско искуство или образование поврзано со израелско-палестинскиот конфликт, моментално игра клучна улога како специјален пратеник на Трамп за Блискиот Исток. Иако тој постигна првични успеси во преговорите за прекин на огнот и размена на заложници меѓу Израел и Хамас, неговиот поглед на конфликтот како чисто територијално прашање што треба да се реши преку договор за недвижнини може да ги ограничи долгорочните резултати.

Американскиот Волстрит журнал (Wall Street Journal) дознава дека Виткоф и Џаред Кушнер размислуваат да одржат самит во Белата куќа за да ги поканат развојните инженери, архитектите и урбанистите да направат план за обнова на Газа. Сепак, тие ги занемаруваат политичките и хуманитарните аспекти на конфликтот, фокусирајќи се исклучиво на инфраструктурните предизвици како што се отстранување на урнатините и започнување со изградба.

Џаред Кушнер е зет на актуелниот американски претседател, а во првиот мандат на Трамп беше специјален пратеник за Блискиот Исток. Како Виткоф, тој успеа да постигне некои краткорочни решенија на Блискиот Исток (Абрахамскиот договор), но како и секој мировен посредник пред него, тој не успеа да постигне долгорочен договор меѓу Израелците и Палестинците. Кушнер, и покрај тоа што повеќе не е вклучен во креирањето политики во новата администрација на Трамп, продолжува да го советува неговиот тим од приватниот сектор.

Во моментов е на сила прекинот на огнот меѓу Хамас и Израел, што е првата фаза од договорот што истекува на 1 март. Преговорите за втората фаза, чија цел е ослободување на сите преостанати заложници и трајно завршување на конфликтот, се очекува да започнат наскоро. Но, Виткоф и Кушнер веќе се обидуваат да ги забрзаат плановите за обнова на Газа, што сугерира дека тие сметаат оти конфликтот е веќе завршен, пренесе Јутарни лист.

Газа, една од најсиромашните и најгусто населените области во светот, се соочува со катастрофални последици од повеќемесечната војна, со уништена инфраструктура, а стотици илјади луѓе останаа без покрив над главата. Обновата на Газа претставува огромен политички и технички предизвик бидејќи, освен финансиските ресурси, постои и несогласување за тоа кој треба да го води процесот на обнова и каде треба да живеат Палестинците.

Виткоф и Кушнер, според американскиот медиум, сакаат да ги соберат експертите за недвижнини за да изготват план за обнова кој би започнал со клучни прашања како расчистување на урнатините. Самитот ќе опфати јавна презентација, а од компаниите ќе биде побарано да објаснат како ќе ги решаваат безбедносните, техничките и логистичките прашања, како што се тунелите на Хамас, и што да прават со луѓето кои не сакаат да ја напуштат Газа.

„Сите го гледаме пустошот што постои во Газа денес. Таму има 30.000 неексплодирани гранати. Ужасните се условите. Не знам зошто некој би сакал да живее таму денес. Тоа ми е нелогично“, изјави Виткоф.

Иако планот за реконструкција според договорот за прекин на огнот предвидува три до пет години, Виткоф е скептичен за таа временска рамка.

„Реконструкцијата не може да се заврши за пет години. Тоа е физички невозможно. Не можете ни да изградите станбена зграда на Менхетен за пет години“, вели тој.

Од друга страна, египетскиот премиер Мостафа Мадбули рече дека Египет веќе работи на рамковен план за реконструкција во соработка со универзитети и консултантски фирми, со план за обнова на Газа во рок од три години, притоа дозволувајќи им на Палестинците да останат. Според извештајот на Обединетите нации, Европската унија и Светската банка, обновата на Газа би можела да чини повеќе од 50 милијарди долари во следните десет години.

Претходно овој месец, Трамп изјави дека САД ќе го преземат Појасот Газа и ќе го претворат во „ривиера на Блискиот Исток“. Тој, исто така, рече дека Палестинците би можеле да бидат преселени во околните арапски земји, предлог што го отфрлија арапските лидери. Изјавите на Трамп предизвикаа осуда, особено од арапските и европските земји, бидејќи присилното преместување на Палестинците би значело етничко чистење, што е забрането со меѓународното право.

ИЗДВОЕНИ