Војничките мустаќи и брада пред уставните судии

Дебарско здружение ги оспорува нормите од Правилникот на Армијата

1407

Здружението за развој „Млади за јавен интерес“ од Долно Косоврасти, Дебарско бараат од уставните судии да ги укинат, како што велат, старовремските норми и да им овозможат на војниците да носат подолга коса, брада и подолги мустаќи. Велат дека во многу европски земји и членки на НАТО-алијансата се дозволени пуштањето и носењето брада и ова, како аргумент, е наведено во иницијативата, која утре е на дневен ред пред уставните судии.

Ако во минатото долгата брада и мустаќите биле одлика на многу македонски војсководци, денеска Армијата има строги правила кога е надворешниот изглед на војниците во прашање. Токму дел од Правилникот од 2012 година што го диктира имиџот на војската е оспорен пред Уставниот суд, преку иницијативата што ја поднесе Здружението за развој „Млади за јавен интерес“ од Долно Косоврасти, Дебарско. Бараат од судиите да ги укинат, како што велат, старовремските норми и да им овозможат на војниците да носат подолга коса, брада и подолги мустаќи. Велат дека во многу европски земји и членки на НАТО-алијансата се дозволени пуштањето и носењето брада и ова, како аргумент, е наведено во иницијативата, која денеска е на дневен ред пред уставните судии.

– Како здружение што работи на развој на целокупното општество во повеќе области, меѓу кои и човековите права, воочивме дека во Правилникот на АРМ постои одредба што целосно го забранува пуштањето брада, а за која сметаме дека влече корени од едно претходно уредување на една држава во чиј состав беше и Македонија и таа се коси со Уставот и со Европската конвенција. Бидејќи сметаме дека е правилото противуставно и претставува една пречка за приклучување млади лица во Армијата, ја поднесовме оваа иницијатива до судот и веруваме дека тој најпрофесионално ќе пристапи кон неа – објаснува за весникот ВЕЧЕР, Исамудин Османлиу, од Здружението и додава дека ваквата одредба претставува мешање во правото на приватен живот.

Подносителите на иницијативата нагласуваат апсурдно е што не се забранува носење мустаќи, а притоа постои апсолутна забрана за носење брада.

Според куќниот ред на Армијата, воениот персонал на служба во АРМ мора секогаш да биде уредно облечен, избричен и потстрижен. Бакенбардите се потстрижуваат средно – до половина на увото, а косата не смее да паѓа на ушите и на јаката од облеката, односно да не се витка преку работ на капата, шапката или на баретката. Не смее да носи брада, а ако има мустаќи, треба да бидат долги 0,8 см од горната уста и не смеат да преминуваат преку неа. Косата не смее да биде подолга од 5 см, пишува во Правилникот на АРМ.

-Не станува збор за непочитување на основните човекови права и слободи, туку задржување на највисоко ниво на безбедност за нашите припадници, велат од Генералштабот за весникот Вечер и додаваат дека политиката за брадата, косата и мустаќот во меѓувреме била „омекната“, па припадниците на специјалната единица и службени лица во АРМ можат да носат, но не смеат да ја загрозуваат безбедноста по здравјето и животот.

-Во однос на иницијативата наведовме дека забраната за носење на брада е исклучиво заради безбедноста на армиските припадници имајќи предвид дека тие во рамките на службата која опфаќа теренска работа, логорувања, разни видови на вежби кои вклучуваат и носење на шлем, заштитна маска, нуклеарно-хемиски-биолошки заштитни средства (т.н. АБХО средства), можат да се соочат со безбедносен ризик, доколку личниот изглед како носење на долга коса и брада не се согласно армиското правило, велат од АРМ

Поранешниот полициски генерал, Стојанче Ангелов, е за подолги брада и мустаќи, но не и за подолга коса, бидејќи може да пречи при носењето на воената опрема.

– Неслучајно постојат овие правила, да не му пречат на војникот во извршувањето на должностите. Би се согласил за подолги брада и мустаќи уредно и хигиенски одржувани, но за подолга коса сум на мислење дека може да пречи при носењето шлем или друг дел од опремата. Доколку станува збор за цивилна војска, не гледам причина зошто да не се носи подолга коса. Дури може да му помогне на војникот во извршувањето на тајни воени операции – вели Ангелов.

Строги правила се предвидени и за женскиот изглед на жената војник која не смее да носи модерни фризури со избричени делови, не смее да се фарба во силни бои и да се лакира со шари по ноктите, забранети се пирсинг и тетоважа на телото.

– Дозволено е носење накит со дискретен изглед. Најмногу два прстени, вклучувајќи ги венчалниот и свршеничкиот прстен, ланче (доколку не се гледа при носењето на униформата) и обетки со дијаметар помал од 0,8 – го дефинирале изгледот на жената војник во АРМ. (П. А.)

ИЗДВОЕНИ