Украинската воена команда проценува дека сè уште и недостасуваат околу 160.000 војници, објавија државните претставници.
Русија напредува во Доњецк, во источна Украина, и во вторникот објави дека го освоила рударскиот град Селидово.
Мобилизацијата беше најавена откако се појавија информации дека голем број севернокорејски војници се распоредени во Русија.
Украинската војска е под голем притисок, делумно поради тоа што руските сили се побројни.
Украинскиот парламент во април усвои нов закон за мобилизација, кој предвидува дека секој маж на возраст меѓу 25 и 60 години мора да внесува податоци во електронската база на податоци. Така, процесот на мобилизација е забрзан, а затајувањето е казниво. Регрутирањето ќе трае три месеци, пренесува „Франс прес“.
Последното соопштение за планираната мобилизација дојде откако руското Министерство за одбрана објави дека го контролира Селидово во Доњецката област, како и околните села, во натамошниот напад кон Покровск.
Руската инвазија на Украина трае повеќе од две и пол години, а генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, тврди дека повеќе од 600.000 руски војници сега се убиени или ранети во војната.
Зеленски во понеделникот рече дека околу 650.000 руски војници биле убиени или ранети.
Но, според анализата на рускиот сервис на „Би-Би-Си“, потврдено е дека во досегашниот тек на војната загинале повеќе од 70.000 руски војници.