Воената болница – врсник со слободата на Скопје

116

По повод 80 години од ослободувањето на Градот Скопје, добро е да се спомене дека Воената болница во Скопје е врсник со ослободувањето на градот во 1944 година.

По конечното ослободување на Скопје, кога сè уште траела Втората светска војна, била донесена одлука за основање на болницата, која е именувана како Воена болница.

Доктор Илија Глигоров пишува дека веднаш почнало вселувањето во болницата, заедно со затечените ранети, повредени и заболени борци од НОВ и ПОМ во објекти во слободното Скопје. Од 1945 година, оваа болница функционирала како болница на тогашната Петта армија на Југословенската армија (JA, подоцна ЈНА).

– Извориште на Воената болница во Скопје беше болницата на Главниот штаб на Народноослободителната војска и на Партизанските одреди на Македонија (НОВ и ПОМ), која кон крајот на 1944 година беше сместена во џамијата во селото Горно Врановци, а имаше и истурено одделение во Долно Јаболчиште, Велешко. Два дена по ослободувањето, започна преселувањето во неколкуте објекти наречени турска болница „Полумесечина“, во скопското маало Крњево. По катастрофалниот земјотрес на 26 јули 1963 година, болницата привремено работеше под шатори, а некои затечени болни беа префрлени во Воената болница во Ниш – пишува Глигоров.

Тој додава дека иако биле санирани, старите објекти не ги задоволувале потребите, па со одлука на надлежните органи на ЈНА и со договор со македонската Влада за кофинансирање, биле изградени нови, современи и многу функционални објекти во Општина Карпош, опремени со најсовремена медицинска опрема и со логистички одделенија, хелиодром и инцелератор со помал капацитет. Воената болница – Скопје се преселила во нив во 1971 година.

– Вработениот медицински кадар беше искусен и многу ценет, исто како и другите соработници. Голем дел од нив беа едуцирани на Военомедицинската академија во Белград. Во еден период, на тој простор функционираа дури пет воени здравствени установи: Воена болница, Поликлиника, Воена амбуланта, Воена аптека –складиште, Хигиенско-епидемиолошки одред (подоцна како ЗПМЗ) и Регрутен центар – потенцира Глигоров.

По осамостојувањето на Македонија (1991 година), Воената болница – Скопје во целина остана во сопственост на државата. Таа беше значајна медицинска установа во надлежност на Министерството за одбрана, првенствено наменета за санитетско обезбедување на сите медицински, едукативни и научноистражувачки потреби на Армијата на Република Македонија. Во неа рамноправно се лекуваа и цивилни лица.

Со општествените и со политичките реформи во државата и нејзиниот здравствен систем, во 2010 година беше направено предавање на Воената болница – од Министерството за одбрана во надлежност на Министерството за здравство и, како цивилна, преименувана е во Градска општа болница „8 Септември“.

Во 2014 година, по повод 70-годишнината од основањето на Воената болница, авторите Илија Глигоров, Андреја Наумовски и Дончо Донев, самоиницијативно и без авторски надоместок, публикуваа монографија со наслов „Воена болница Скопје – 70 години од формирањето“.