Теодор Јовевски е момчето кое го фати светиот крст во водите на Вардар во Скопје. Toj рече дека првпат се фрла по крстот и се надева дека ќе му донесе среќа, а на другите верници им порача да веруваат во Бога.
Одбележувањето на празникот Богојавление почна во 9 часот во храмот „Рождество на Пресвета Богородица“, каде што чиноначалствуваше владиката Јосиф. По завршување на литургијата владиката Јосиф, заедно со свештенството во поворка се упати кон мостот „Слобода“ каде почна „Водосветот“, а потоа го положи крстот во реката Вардар.
Како што изјавија за МИА од Скопската православна епархија, годинава во Скопје беа пријавени над 220 граѓани.
Според верувањата, оној кој ќе го фати крстот, ќе го следи среќа и благослов цела година. Фаќањето на крстот значи соединување на човекот со Христа, а се верува дека со положувањето на крстот, водите стануваат лековити.