Празниот простор некогаш исполнет со вода сега сведочи за сериозноста на ситуацијата. Нивото на Тиквешкото Езеро е далеку под потребната кота. Водата од езерото не е ниту до горниот праг од тунелот Тисовец, кој е на кота 245 метри – велат од Министерството за енергетика и посочуваат дека, генерално, состојбата со вештачките акумулации е критична на ниво на целата држава. ХЕЦ „Тиквеш“ произведува електрична енергија со инсталирана моќност од 113 MW и годишно производство од 144 GWh, но сега се соочува со сериозни ограничувања поради недостигот на вода

Дождот и снегот што наврна изминатиов викенд не ја поправија состојбата со хидропотенцијалот во целата држава, која од министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, е оценета како критична.

Таа денеска ја посети хидроелектраната „Тиквеш“ и при обиколката на браната на вештачката акумулација, беше видливо дека нивото на водата е далеку под потребното ниво.

– Празниот простор некогаш исполнет со вода сега сведочи за сериозноста на ситуацијата. Нивото на Тиквешкото Езеро е далеку под потребната кота. Водата од езерото не е ниту до горниот праг од тунелот Тисовец, кој е на кота 245 метри – велат од Министерството за енергетика и посочуваат дека, генерално, состојбата со вештачките акумулации е критична на ниво на целата држава.

Министерката ја нагласи итната потреба за внимателно и одговорно менаџирање со ресурсите. Таа истакна дека сликата што ја затекле испраќа јасна и итна порака дека енергијата не е бесконечна.

– Ова е повик за будност. Ќе вложиме максимални напори за оптимизирање на користењето на ресурсите. Ќе се занимавме и со тоа зошто ни се опустошени македонските енергетски капацитети, но јас знам дека со чесен пристап, со макотрпна работа може да се промени сегашната слика и нема да се откажаме ниту јас ниту оваа Влада од намерата Македонија да биде енергетски независна земја – истакна Божиновска.

Тимот од хидроелектраната информира дека, освен од критичната состојба со водата, стравувале и од хаварија, бидејќи доколку продолжи да паѓа нивото на водата со „влез на воздух во доводниот цевод“, може да доведе до кавитација и до сериозни оштетувања на системот.

Директорот на електраната, Звонко Бошков, истакна дека наследил празна акумулација, со кота што е 12 метри под просечната за овој период од годината.

– Деновиве, имавме дотоци од 5 кубни метри во секунда, а само во последните 24 часа имаме дотоци од 77 кубни метри во секунда и се надеваме дека тоа ќе оди во нагорна линија и дека идното производство ќе биде во функција на зголемувањето на приходите на нашата компанија, а со тоа и на подобрување на примарната и на секундарната регулација, која ќе овозможи постабилен енергетски систем во нашата држава – изјавил Бошков.

ХЕЦ „Тиквеш“ произведува електрична енергија со инсталирана моќност од 113 MW и годишно производство од 144 GWh, но сега се соочува со сериозни ограничувања поради недостигот на вода. Раководството ја информираше министерката и за идните инвестициски планови за подобрување на состојбата.