Жител на Соње вели дека е убаво да се посети овој водопад наесен или во зима, бидејќи тогаш има многу вода. Тој раскажува дека мештаните сами се организирале и направиле пристап до него и дека сега имаат намера да направат летниковец, да го уредат просторот за да го направат местото поатрактивно и поинтересно за посета. Вели, сето тоа ќе биде направено со средства собрани од тамошните жители. Од Општина Сопиште велат дека е точно оти овој водопад е на нивна територија, но со последната одлука на Владата од пред три години, стана заштитен појас и со него управува Град Скопје. – Имавме неколку проекти за разубавување на тој дел, меѓу кои да се направи летниковец и да се стават клупи, за што добивме грант од шведската амбасада. Се обидовме да стапиме во контакт со Град Скопје за да добиеме одобрение за реализација на овие проекти, но немаме одговор – нагласија од Општина Сопиште

 

Во рамките на пределот на селото Долно Соње – Борчиња се наоѓа водопадот Прскало, кој им е малку познат на скопјани. Мештаните многу добро го знаат овој водопад. Ова место би можело да стане туристичка атракција доколку Општината Сопиште, на чија територија се наоѓа, Градот и државата инвестираат во него. Освен тоа, Соње би можело да стане магнет за туристите.

Туризмологот во пензија, Гордана Јанакиевска, вели дека овој водопад може да се најде како место што може туристички да се посети.

– Јас се обидов да го најдам, мештаните од Соње ми потврдија дека постои, но не е достапен бидејќи нема патека. Бидејќи беше лето, ме опоменаа дека, така како што бев облечена, постои можност да ме касне змија. Имаше случај нашите агенции да го нудат како тура и покажуваа слики од водопад со истото име што се наоѓа во Србија – изјави Јанакиевска.

Таа додава дека мештаните ѝ раскажувале оти, како мали деца, оделе кај водопадот и се капеле, но оти немало никаква маркирана патека.

– Би сакала лично да го видам, ќе го сторам тоа напролет – вели Јанакиевска.

Жител на Соње вели дека е убаво да се посети овој водопад наесен или во зима, бидејќи тогаш има многу вода.Тој раскажува дека мештаните сами се организирале и направиле пристап до него и дека сега имаат намера да направат летниковец, да го уредат просторот за да го направат местото поатрактивно и поинтересно за посета. Вели, сето тоа ќе биде направено со средства собрани од тамошните жители.

Дејан Вељанов, претседател на Здружението „Убавините на Скопска Црна Гора“ и планинар, вели дека овој водопад е близу до широкиот земјен пат што оди кон Крстовар.

– Тој терен им е попознат на ловџиите и е тешко пристапен. Во тој предел се движат претежно ловџии. Кој сака, нека оди да го посети, но нека очекува обраснат терен и тесна дрварска патека, бидејќи нема маркирана патека до водопадот. Тој предел е убав, бидејќи во зимскиот период е на сончева страна, за разлика од другата страна на Водно, која гледа кон Скопје и е осоен дел, каде што се задржува повеќе снег во зимскиот период – нагласува Вељанов.

Од Општина Сопиште велат дека е точно оти овој водопад е на нивна територија, но со последната одлука на Владата од пред три години, стана заштитен појас и со него управува Град Скопје.

– Имавме неколку проекти за разубавување на тој дел, меѓу кои да се направи летниковец и да се стават клупи, за што добивме грант од шведската амбасада. Се обидовме да стапиме во контакт со Град Скопје за да добиеме одобрение за реализација на овие проекти, но нема никаков одговор – нагласија од Општин. Сопиште.

На „Википедија“, исто така се промовира овој водопад, за кој се вели дека е реткост за околината на Скопје и дека тоа е причина да го посетат повеќе туристи.

– Пределот село Д. Соње – Борчиња е еден од најатрактивните предели на планината, кои опстојале и кои се создадени без човечка помош, речиси недопрени, со исклучок на ловџиите. Може да се направи мотел што ќе биде воздушна бања и центар за рехабилитација. Приватно ловиште за да се зачуваат природата и животинскиот свет. Ловиштето треба само да ги размножува постојните видови и да не се лови од другите зони – се наведува на „Википедија“.

(А.П.)