Марија Митевска, еден од членовите во Тимот за спасување на планина при Црвениот крст на град Скопје, која по вокација е лекар, вели дека функционирањето на тимот како единка е тоа што го прави единствен и интересен. Таа ни го раскажа своето искуство од спасувачките интервенции во кои има учествувано, меѓу кои ја издвојува онаа кога му била укажана помош на планинар, кој се пожалил на алергиска реакција откако јадел костени, кои ги нашол движејќи се низ планинските патеки на Водно. Лани тимот бележи 183 интервенции, од нив, во 20 случаи, лицата поради сериозноста на повредите завршиле во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“
Службениот телефон на тимот за спасување на планина, во планинско-спасителната станица „Даре Бомбол“, на планината Водно го наруши мирот nа дежурната екипа. На линијата е планинар кој се жали на силно гушење по јадење на костени што ги нашол движејќи се низ планинските патеки. Добивме точна локација и веднаш се упативме кон местото. Планинарот имаше знаци за алергиска реакција и по укажаната прва помош и опсервација од нашиот тим, симптомите се повлекоа. Немаше потреба од ургентен транспорт во здравствена установа, но му беше даден совет за дополнителни дијагностички иследувања – раскажува за случаите на кои била очевидец Марија Митевска, еден од членовите во Тимот за спасување на планина при Црвениот крст на град Скопје.
Таа е волонтер во Тимот за одговор при катастрофи, уште од 2019 година, а по професија е лекар.
– Мојата вокација како лекар во комбинација со планинарство се одлична комбинација за придонес во општеството, а Црвениот крст, односно тимот е тоа што го нуди. Функционирањето на тимот како единка е тоа што го прави единствен и интересен – истакнува Митевска која има учествувано во над 20 спасувачи интервенции и посочува дека некои интервенции се веќе подзаборавени, но секогаш по нивно успешно завршување чувствува олеснување, а посебни емоции кај неа предизвикува искреното заблагодарување на лицата на кои им помогнала.
Ова е само една од случките и интервенциите со кои се соочил овој тим, а лани беа вкупно 183 и во 20 случаи, лицата поради сериозноста на повредите завршиле во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“. Само овој месец, тимот има интервенирано во четири наврати за повреди од лесен карактер.
– 2024 е година во која бележиме поголем број интервенции, но за тоа влијаат многу фактори и не може да се направи паралела со бројот на интервенции во другите години. Во секој случај, од 2015 година па сè досега, бројката варира од 90 до 180 интервенции и асистенции годишно – истакна Арѓенд Чиљафи, стручен соработник во Одделот за подготвеност и дејствување при катастрофи во Црвениот крст на Град Скопје.
Според него, најчести интервенции на Водно се за изгубени млади рекреативци, но и за лесни повреди, а најчеста причина за незгодите на планина е што посетителите не ја сфаќаат сериозно планината, едноставно ја потценуваат, иако незгоди можат да се случат секаде.
– Незгоди се случуваат секаде и во секое доба од годината, но сепак Водно не е Градски парк – потенцира Чиљафи.
Сепак, тој им препорачува на оние што ќе се најдат во незгода на планина, како прво да останат смирени и во зависност од повредата да се потрудат да си помогнат себесиси, односно самите да си укажат првична прва помош.
– Ако некое лице побара помош треба да ја наведе точната локација и типот на повреда и што е најважно да седи на посочената локација и да прима насоки од тимот кој се упатува кон него – објаснува Чиљафи.
Оние што ќе се најдат во неволја или сакаат да му погнат некому, кој се повредил или изгубил, треба да знаат дека планинската спасителна станица – Водно е лоцирана во ЦЕР „Даре Бомбол“ на Средно Водно и функционира секој викенд од 10 до 17 часот, а граѓаните кои имаат потреба, спасителите на планина можат да ги побараат и на телефонскиот број: 072/269-876.
Во моментот тимот за спасување на планина брои 10 члена, но како што вели Чиљафи, секогаш е потпомогнат и од волонтерите од тимот за логистика и прва помош, доколку е потребно да дејствува на терен.
– Со оглед на типот на работата и организациската поставеност, тоа е сосема доволна бројка, имајќи предвид дека се професионалци, доаѓаат од различни работни организации кои слободното време одлучиле да го посветат на нешто сосема различно од нивното секојдневие, односно да бидат дел од големото семејство на Црвениот крст – посочува Чиљафи.
Вели дека дежурниот тим е мал, а за интервенција се потребни најмалку четворица. И покрај тоа досега секогаш успеваат да помогнат благодарение на волонтерите, вработените во Жичницата, но и на самите планинари кои секогаш се тука да помогнат.
Планинската станица на Водно е отворена во 2005 година. Во неа дежураат по двајца спасители од Тимот за спасување на планина и тоа спасител и обучен парамедик за давање неопходна прва помош и извлекување.
(А.П.)