Откако нејзиниот поранешен сопруг Доминик Пелико и 50 мажи кои ја силуваа беа осудени на повеќе од 400 години затвор во францускиот суд, се огласи Жизел Пелико.
Таа се заблагодари на здружението на жртвите кое, како што вели, секогаш и помагало без исклучок. Таа им се заблагодари и на новинарите кои од почетокот го следеа случајот, истакнувајќи дека тие секогаш се однесувале со почит кон неа, јавува Би-Би-Си.
„Мислам на сите други семејства погодени од оваа трагедија. Конечно, мислам на сите непознати жртви на приказните кои често се случуваат во сенка. Сакам да знаете дека ја делиме истата борба“, им рече Жизел на насобраните , додавајќи дека мисли на своите деца, внуци и на сите други семејства и жртви чии приказни често се во сенка.
„Овој процес беше многу тежок и во овој момент прво размислувам за моите три деца“, рече таа.
Таа изрази длабока благодарност до сите кои и дадоа поддршка, нагласувајќи дека нивните сведоштва и дале сила да го издржи овој долг процес.
Таа нагласи дека никогаш не жали што се откажала од правото на анонимност и ја отворила вратата на судењето за општеството да види што се случило.
„Верувам во нашата колективна способност да најдеме подобра иднина каде што мажите и жените ќе можат да живеат хармонично заедно, со меѓусебно почитување“, заклучи таа.
На новинарско прашање што мисли за денешните пресуди, таа одговори: „Ги почитувам судовите и ги почитувам нивните одлуки“.
Судот во францускиот град Авињон денеска ги прогласи виновни сите 50 мажи кои беа обвинети за силување на Жизел Пелико, која беше дрогирана и подведувана од нејзиниот поранешен сопруг, и ги осуди на затворски казни од три до 15 години.
Претходно денеска, судот во Авињон го прогласи за виновен по сите точки Доминик Пелико, кој е обвинет дека со години ја дрогирал и подведувал неговата поранешна сопруга Жизел и го осуди на 20 години затвор – максимална казна за злосторствата што ги направил.
Тој претходно пред судот се изјасни за виновен за обвиненијата против него и побара прошка од семејството.