Бактериолошките анализи на водата во реката Треска укажуваат на алармантно загадување, при што водата се категоризира во петта класа поради високата концентрација фекални бактерии (ешерихија коли и колиформни бактерии). Но, физичко-хемиските анализи покажуваат дека е класифицирана водата меѓу втора и трета класа, што ја прави условно погодна за рекреација и за наводнување, но само по соодветен третман. Истражувањето што го откри ова загадување покажало дека контаминацијата доаѓа од канализациските отпадни води, индустриските и земјоделските активности, како и несоодветното управување со отпадот. Оттука произлегоа клучни препораки за зачувување на реката Треска
Физичко-хемиските анализи покажуваат дека водата во реката Треска се движи помеѓу втора и трета класа, што ја прави условно погодна за рекреација и за наводнување, но само по соодветен третман. Додека, пак, бактериолошките анализи укажуваат на алармантно загадување, при што водата се категоризира во петта класа, поради високата концентрација фекални бактерии (ешерихија коли и колиформни бактерии). Ова го покажа истражувањето за проектот „Младински активизам за одржливи реки: заштита и зачувување на биодиверзитетот на реката Треска“ што го спроведува „Аналитика“ – Скопје, со поддршка на Амбасадата на Канада за Србија, Македонија и за Црна Гора. Негова цел е да иницира конкретни акции за подобрување на состојбата со водата на реката Треска, како и заштита на локалните флора и фауна преку воспоставување партнерства меѓу младите, граѓанските организации и локалните и националните власти.
Заменик-министерката за животна средина и просторно планирање, Ане Лашкоска, го поздрави вклучувањето на младите во ваквите истражувачки проекти:
– Овој проект овозможи учење техники за собирање податоци од терен, анализа на примероците и мерење на параметрите на водата и животната средина. На ваков начин, младите, преку конкретен пример, се подготвуваат за идните професии поврзани со животната средина, со истражувачката и со научната работа – рече таа.
Лашкоска истакна и дека со оглед на тоа што претходно не се работени други истражувања за реката Треска, овој проект треба да претставува поттик и идеја за идни активности.
– Заштитата и зачувувањето на биодиверзитетот на реката Треска, од една страна, овозможува согледување и свесност за влијанијата на човековите активности врз квалитетот на речните води, живиот свет и биодиверзитеот на реката, а, од друга страна, ги зголемува знаењето и свесноста за вредноста и комплексноста на животната средина и за потребните и можни активности за да се заштити и зачува ова природно богатство.
Она што дополнително ги прави овој проект и оваа анализа вредни за внимание е што го содржат во себе и делот на подигање на јавната свест и одговорноста на секој поединец, бидејќи на крајот од денот грижата за водите не е единствено одговорност на државата и на институциите, таа е одговорност на секој од нас, бидејќи сите сме дел од заедничкиот простор во кој живееме – додаде заменик-министерката Лашкоска.
Истражувањето покажало дека контаминацијата доаѓа од канализациските отпадни води, индустриските и земјоделските активности, како и од несоодветното управување со отпадот. Оттука произлегоа клучни препораки за зачувување на реката Треска, како што се изградба и модернизација на постројките за третман на отпадните води, одобрување на управувањето со комуналниот и со индустрискиот отпад, построги регулативи и казни за нелегалното исфрлање отпад, зголемување на мониторингот на водните ресурси, транспарентност во податоците и јакнење на јавната свест и едукација.
– Ова истражување претставува основа за понатамошни активности во заштитата на реката Треска и „Аналитика“ ќе продолжи со застапување политики базирани на научни докази, како и со јакнење на капацитетите на локалните заедници и институции за еколошко управување – истакна Бојана Мијовиќ-Христовска, програмски директор во „Аналитика тинк тенк“.
Заменик-амбасадорот на Канада, Дејвид Морган, ја истакна важноста на чистите вода и воздух за одржливиот развој, со акцент на улогата на младите и на потребата од партнерски пристап во решавањето на еколошките предизвици.
Професор д-р Борче Треноски, професор по економија на животната средина, истакна дека економските трошоци од загадувањето на реката Треска се значителни, но дека инвестирањето во нејзино чистење може да ја врати како туристичка атракција што ќе генерира приходи за локалната заедница.
(С.Бл.)