Водата во Гостивар не е за пиење, а во Тетово има редуцирано водоснабдување

8

Поради добиени позитивни лабораториски наоди за зголемено присуство на манган, над максимално дозволените концентрации согласно со Правилникот за барање за безбедност и квалитет на водата за пиење, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), во петокот, издаде забрана за користење на водата за пиење од градскиот водовод во Гостивар.

– На јавното комунално претпријатие „Комуналец“, кое стопанисуваа со водоводната мрежа во овој град, наредено му е да ги извести граѓаните за забраната, односно дека водата во градскиот водовод не е безбедна за пиење и да обезбеди пивка вода за пиење. По издадените наредби од инспектор за храна на АХВ, ЈКП „Комуналец“ постапило веднаш – велат од АХВ.

Јавното комунално претпријатие „Шар“ од Тетово, исто така, информира дека, поради загаденоста на водата во изворите на Лешница, системот на филтер- станицата засега е целосно затворен. Градот Тетово се снабдува со намалено количество вода, а екипи на ЈКП „Шар” се на терен за брзо решавање на проблемот.

Ограничување на водата во градскиот водовод ќе има од 13:00 до 15:00 часот и во периодот од 1:00 до 4:00 часот.