Водата во Гостивар не е за пиење, откриена е бактеријата ешерихија коли

9

Водата со која се снабдуваат корисниците од општина Гостивар, преку водоводот, не е безбедна за пиење, информираат  од ЈП „Комуналец“. Во соопштението до јавноста, тие изразуваат жалење за состојбата која произлегла од последните микробиолошки анализи.

– Водата од јавниот водовод моментално не е безбедна за пиење. Микробиолошките тестови открија присуство на колиформни бактерии и ешерихија коли (E. coli), кои можат да претставуваат сериозни здравствени ризици – се наведува во соопштението од гостиварското комунално претпријатие.

Корисниците на водата од градскиот водовод се советуваат да преземат мерки и притоа да се избегнува употреба на вода од јавната водоводна мрежа и да се користи пакувана вода за пиење и готвење.

Од ЈП „Комуналец“ упатуваат апел за разбирање и од граѓаните и очекуваат да ги следат информациите до решавање на проблемот и обезбедување на безбедно водоснабдување.

– Здравјето и безбедноста на жителите на Гостивар се наш приоритет и ќе ве информираме штом водата повторно ќе биде безбедна за употреба – велат од ЈП „Комуналец“.