Дојранското Езеро повторно почна да добива свежа вода откако во саботата беше пуштен во функција хидросистемот „Ѓавато“. Бунарите од овој систем до пред три години вршеа дотур на вода во езерото, но поради големите сметки за струја, беа исклучени пумпите, со што постојано се намалуваше нивото на водата на езерото.

Со тоа се промени целата крајбрежна слика и повторно нè врати на лошите спомени од еколошката катастрофа што му се случи на езерото во минатото. Во опасност е и богатиот биолошки свет во езерото, бидејќи, според моменталната состојба, нивото на езерото е 76 сантиметри под дозволениот минимум и доколку продолжи ваквиот тренд, може дополнително да се намали, со оглед дека и хидролошката состојба е неповолна.

На предлог од Министерството за животна средина и просторно планирање, неодамна Владата ја усвои информацијата за ставање на овој хидросистем во функција.

– Владата и Министерството за животна средина и просторно планирање ќе се залагаат да се изнајде решение за финансиски средства за да се реконструира целосно овој хидросистем во блиска иднина – изјави министерот за животна средина, Изет Меџити, нагласувајќи дека за повторно функционирање на хидросистемот, потребна е реконструкција на самиот цевковод и набавка на неколку нови потопни пумпи. 

Пратеникот Миле Цеков од ЗНАМ изјави дека претходната Влада и сегашната општинската власт речиси три години не нашле решение за овој проблем и дека новата Влада го сторила тоа за помалку од половина година.

– Благодарност до министерот Изет Меџити што поднесе предлог-одлука до Владата за решавање на овој наследен предизвик, кој не беше решен речиси три години – изјави Цеков.

На бунарското подрачје Ѓавато моментално има технички исправни три потопни пумпи: пумпите 3, 7 и 8, кои се ставени во функција, а за другите е потребна реконструкција.

Градоначалникот на Општина Дојран, Анго Ангов, ја организираше најголемата еколошка акција за расчистување на крајбрежјето. Тој потенцира дека хидросистемот мора да се реконструира и упати благодарност до сите што дојдоа и учествуваа во оваа екоакција.

– Благодарност и до сите оние што се потрудија, без разлика на политичката или на која било определба, и придонесоа да се подигне овој голем проблем на повисоко ниво. Покажавме како треба да се грижиме и заеднички сплотено, без поделби, да придонесуваме за нашиот бисер – Дојранското Езеро – нагласи Ангов.

Во изминативе шест години, Општина Дојран има реализирано низа проекти, заедно со поддржувачи и експерти за заштита на Дојранското Езеро. Изготвени се студија за валоризација на Дојранското Езеро и менаџмент-план. Извадена е дел од патеката што беше поплавена и формирани се плажи.

Општина Дојран доби директна поддршка од 53 милиони денари од МЖСПП за целосно заокружување на финансиската рамка и за реализација на проектот за заштита на Дојранското Езеро, во кој се реализира целосна санација на колекторскиот систем, изградба на нова пречистителна станица, изградба на целосна канализациска мрежа во селото Црничани и изградба на две мини пречистителни станици во Фурка и во Црничани. Пуштена е и браната „Коњско“, која ќе овозможи по природен пат да доаѓа водата до Дојранското Езеро, а со тоа и трајно решавање на проблемот.

Хидросистемот „Ѓавато“ е изграден во 2002 година, со цел полнење на Дојранското Езеро. Долг е 22 километра и е од витално значење за целиот регион, за езерото, но и за полјоделството.

(С.Бл.)