Во зимски услови, 120-мина планинари се искачија на Царев Врв

61

Вкупно 120-мина планинари од Крива Паланка, Куманово, Пробиштип и од Скопје, во неделата, го искачија вториот по височина врв на Осоговските Планини, Царев Врв, во зимски услови, во рамките на заедничката акција организирана од планинарско- спортскиот клуб „Калин Камен“ – Крива Паланка и планинарското друштво „Хајкинг“ – Скопје.

– Покрај нашите друштва, имавме  и планинари од „Козјак”, Куманово и планинари од Пробиштип. Времето ни беше наклонето, бидејќи температурата не беше ниска, а ветрот ја немаше таа сила како претходните години. Акцијата започна на собирната точка Осоговски Бисер, по што се упатија групите кон езерцето, локација на која како водич, заедно со колегата Славко Новјановски, ги запознав учесниците со потеклото на името на Осоговските Планини, името на Калин Камен. Се запознаа со сите неопходни детали за движење во планина во зимски услови – информира Стојан Костовски, планинарски водич од ЗПСК „Калин Камен“ – Крива Паланка.

Тој додава дека речиси еден час подоцна ја искачиле првата кота, Калин Камен, на 1.884 надморска височина, делница на која, поради големиот наклон на теренот, како што објасни, имале проблем со замрзнатиот снег, па движењето било бавно.

– На оваа кота одморивме малку, а планинарите уживаа во зимската идила. Продолживме движејќи се во отежнати услови, со големи траси со подмрзнат снег и оголени била, за нешто по 12:00 часот успешно да го искачиме Царев Врв, на надморска височина од 2.084 метри, познат уште како Султан Тепе. Овде групите се задржаа кратко и безбедно се вративме до појдовната точка, каде што уживавме уште малку во заедничка планинарска дружба, заминувајќи кон дома – изјави Костовски.

Костовски е водич и активен планинар на седумдесет и осумгодишна возраст, кој досега 136 пати го има искачено Царев Врв, од 1990 година до денес, а 35 години во низа, традиционално, се искачува на врвот на 2 јануари.

– При искачувањето оваа година, времето беше прекрасно, но со многу висока снежна покривка, со силен ветер, што придонесе за намалена контрола на теренот при спуштањето, така што конечното спуштање во Крива Паланка беше во 22:00 часот, со едно различно патешествие, пријава во полиција од семејството дека сум исчезнат – раскажува Костовски.

Костовски е исклучително активен планинар и вистински пример за сите членови на планинарските клубови од градот и од регионот. Минатиот викенд беше дел од групата планинари од Скопје и од Пирот, Србија, кои успешно се искачија на највисокиот врв на Балканот, Мусала, висок 2.925 метри.

 

ИЗДВОЕНИ