Во земјотресот што го погоди Еквадор е предизвикана голема материјална штета – 80 отсто до домаќинства без струја

20
Фото:EPA-EFE/JORGE DEMERA

Најмалку 20 лица се повредени во силен земјотрес со јачина од 6,3 степени што го погоди Еквадор во петокот, а е предизвикана и голема материјална штета. Земјотрес ја погоди областа во близина на брегот на Еквадор, оштетувајќи згради во градот Есмералдас и привремено затворувајќи дел од нафтената инфраструктура, соопшти Европско-медитеранскиот сеизмолошки центар (EMSC).

Епицентарот на земјотресот бил 21 километар североисточно од крајбрежниот град Есмералдас, на длабочина од 30 километри.

Земјотресот оштети домови и јавни згради, остави околу 80 проценти од домаќинствата без електрична енергија, а некои бензински пумпи беа привремено затворени, јавува Би-Би-Си.

Еквадорскиот претседател Даниел Нобоа изјави дека им наредил на властите да обезбедат помош и привремено засолниште за луѓето погодени од земјотресот. Еквадорската нафтена компанија „Петроеквадор“ соопшти дека веднаш ги прекинала операциите во својата рафинерија во Есмералдас.

Еквадор беше погоден од два големи земјотреси во последните девет години – земјотресот со магнитуда од 6,7 степени во 2023 година одзеде најмалку 15 животи, додека во 2016 година земјата беше погодена од земјотрес со магнитуда од 7,8 степени во кој загинаа повеќе од 700 луѓе, а неколку илјади беа повредени, пренесува Танјуг.

ИЗДВОЕНИ