Во вторник во Брисел нова рунда дијалог, Приштина ја отфрли трилатералната средба

40

Во Брисел следната недела со посредство на ЕУ ќе се одржи нова рунда дијалог на Белград и Приштина на ниво на главните преговарачи Петар Петковиќ и Бесник Бисљими, која е планирана за вторник. Иако Белград понудил и изразил подготвеност да се одржи трилатерална средба со косовската страна, Бисљими одбил, дознава Танјуг од неименувани дипломатски извори.

Според српските медиуми една од темите кои Белград ги предложил да се најдат на дневен ред е прашањето за мостот на Ибар во Косовска Митровица, како и формирањето на Заедницата на српски општини (ЗСО).

„Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во денешното обраќање до нацијата ќе објасни што се случува на Косово и Метохија, како и што ќе направи државата во врска со тие настани“, изјави денеска премиерот на Србија Милош Вучевиќ.

Тој додаде дека одлуките за активностите на државата Србија, со кои Вучиќ вечерва ќе излезе, се заеднички став на претседателот на Републиката и на Владата на Србија.