Многу ја сакаше македонската музика, особено онаа традиционалната, а го обожаваше Тоше Проески. Често знаеше на собири, да запее македонски народни песни, и што е највпечатливо, насекаде се гордееше што е од Македонија. Неостварена желба на мојот брат oстана да сними албум со македонски етно бисери, кои со задоволство ги пееше.
На 22 јануари оваа година, ќе се навршат три тажни години од смртта на Аки Рахимовски, легендарниот пејач на легендарната ексјугословенска рок-група „Парни ваљак“. Аки имаше многу возбудлив живот. Роден е во Ниш, Србија, младоста ја помина во Скопје, Македонија, а богата естрадна кариера направи во Загреб, Хрватска. Југославија во мало, за еден таков голем музички лик. Или како што би кажале Амриканците “чиста холивудска приказна“! Многу малку има такви пејачи на кои се толку карактеристични и по се препознатливи каков што беше Аки. Неуморен и целосно посветен на музиката, но и на семејството. Тој и даде се од себе на својата публика оставајќи го срцето и емоциите на секој настап. Меѓутоа се случи трагедија. Тоа неговото големо срце одеднаш престана да чука. На 22 јануари 2022 година. И неговата душа отплови во вечноста….останаа спомените, сеќавањата…..
Но, тука е на нашата радост, жива и здрава, неговата родена сестра Џули Рахимовска-Рамадановиќ. Таа веќе подолго време живее со својата фамилија, со својот сопруг Ирфан, со своите деца Мустафа и Малик во градот Дурхам, Северна Каролина, САД. После подолго време, специјално за весникот „Вечер“ со задоволство се согласи да зборува за својот живот и комуникациите со саканиот брат Аки.
Кога ја побаравме да разговараме, веднаш се потсети на моментот кога Аки духовито и рекол дека е „лесно да се биде висок, но тешко е да се биде голем човек“. И, сега знам, вели Џули дека беше во право. Беше ситен, тивок, но кога ќе излезеше на сцената, беше фантастичен. Публиката, едноставно „јадеше“ од неговите раце.
–
Миризбата на чоколадото од нашето детство
Иако сум девет години помлада од брат ми, го паметам нашето детство, поминато зад Универзалната сала во Скопје, во таканаречената Железничка колонија. И ден денес сеуште го чувствувам вкусот на чоколадото кое ни го носеше татко ми, Мустафа, кога ќе се враќаше од работа. Добро ги помнам и кулинарските специјалитети на мајка ми Алије, која ги подготвуваше не само за нас дома, туку и за сите другари кои ги имаше Аки, а ги имаше многу. Со нив ги поминуваше денови и ноќи во заедничко дружење, свирење и пеење.
Татко ми е од Скопје, имаше завршено музичка академија во Ниш, таму се запознале со мајка ми, се венчале, и од таа љубов најпрво се раѓа Аки. По некое време решаваат да се преселат од Ниш во Скопје, бевме тогаш иста држава. Во Скопје живееле баба ми и дедо ми. Сите сложно живеевме во една трошна барака, немавме многу, но имавме навистина хармоничен и среќен живот без расправии. Татко ми работеше како книговодител во ФАС „11-ти Октомври“, а во слободното време држеше приватни часови по музика. Мајка ми работеше во Тутунскиот комбинат. Имавме еден полупрофесионален клавир на кој Аки почна да вежба откако татко ми го запиша во нижото музичко училиште. Пред да замине на работа, татко ми секогаш ќе ми кажеше да внимавам дали Аки ќе вежба класика или ќе свири рок музика на клавирот. Јас го прашав “како ќе знам дека свири класика“? Мошне лесно, ми велеше татко ми: Ако ги става нотите пред себе, значи дека свири класика! На татко ми му бев како еден вид „шпион“, хахахаа. Но, брат ми, мангупче, веќе знаеше за таа „финта“, ќе ги ставеше нотите на клавирот, а ќе свиреше рокенрол. Многу го сакаше Џејмс Браун.
Кога и во музичкото училиште почна да ја прави истата финта, учителот го слушнал и му се пожалил на татко ми. Е, тогаш стана вистински хаос! Татко ми, изнервиран, ги извади и ги стави пред нозете на брат ми сите инструменти кои ги имавме дома, од кларинет до саксофон и му подвикна налутено: Еве ти инструменти, па свири ако ти се свири, ама да знаеш дека нема иднина во тоа. И, тогаш брат ми навистина се смири извесен период, вежбаше класика, но не за долго. Си продолжи тој по старото, вљубен во рокенролот.
–
Глава на семејството
Кога татко ми тешко се разболе и по извесно време почина, грижниот брат ми Аки се најде во ситуација, на млади години да стане столбот на фамилијата и да размислува како ќе живееме понатаму само со една плата на мајка ми? Тогаш ја прифати поканата да свири во стриптиз барот на скопскиот хотел „Гранд“ за да заработи некој динар повеќе за живот. Ни беше тоа вистинска финансиска поддршка. Знам, тешко му беше, затоа што свирките траеја до рано наутро. Но, и на мене и на мајка ми, не ни беше многу полесно. Бевме загрижени да не му се случи нешто по прашање на здравјето. Двете никогаш мирно не спиевме, чекајќи во зори да се врати од тоа ноќно свирење.
Со Аки бевме многу поврзани како брат и сестра, не само како помали, туку таа поврзаност остана да трае и кога Аки реши да ја прифати поканата да замине во Загреб во групата „220“ од која потоа се роди славниот „Парни ваљак“. Имаше голема поддршка и од мене и од мајка ми за тоа, иако знаевме дека во Скопје му останува сето она што го сакаше, неговата мајка, неговата сестра, неговата девојка Мери, неговите пријатели, роднини. Се бореше да успее во она што си го имаше замислено. Не му беше лесно. Во таа борба имаше и подеми и паѓања, а тоа ми кажуваше кога ќе си дојдеше во Скопје. Но остана истраен до крај. Остана со „Парни ваљак“ полни 42 години и стана еден од најголемите балкански, ако не и светски рок пејачи.
Затоа секое наше видување кога ќе дојдеше од Загреб во Скопје, а потоа и кај мене во Америка беше вистинска фешта. Јас од 1996 година со својата фамилија живеам во Америка. Секоја наша средба се претвораше во празник. Како брат и сестра толку многу се радувавме еден на друг. Со зборови тоа не се опишува. Кога ќе дојдеше, ќе се соберевме сите роднини, пријатели, соседи, се забавувавме, пеевме, раскажувавме….. Јас, секоја година еднаш или два пати одев во Загреб. Тој ме шеташе низ градот, ме запознаваше со дечките од “Парни ваљак“, присуствував на снимањето на нивните грамофонски и плочи, мали и големи, тогашните ЛП- албум. Многу му значеше моето мислење за песните, дали ми се допаѓаат или не? Еднаш, се сеќавам, постојано ми ја пееше песната „Кога ќе ме допре“ и ме праша, Еј, „сис“, добра е нели? Па, ќе почневме да ја пееме заедно. И, ден денес таа песна ми е една од моите најомилени песни.
–
Кулинарски специјалитети
Што се однесува до кулинарството, љубовта кон готвењето Аки ја наследи и од мајка ми и од мене. Многу сакаше да му правиме македонски специјалитети: „урнебес “ салата, лути суви пиперки и сирење. Сакаше исто така да подготвува и да јаде сарма, но без ориз во неа.Беше гурман.Многу пати им подготвуваше и македонски специјалитети на членовите на “Парни ваљак“ кога ќе одеа на турнеја: тавче гравче, урнебес салата, сарма од лозов лист. А, за тоа колку брат ми бил сакан во секое место каде гостувале, ми раскажауваше фронтменот Хус. Велеше, ние по секој концерт одевме на одмор во своите соби, а Аки пред хотелот го чекаа неговите пријатели со кои заминуваше на забава. Ние стануваме наутро и го гледаме Аки веќе буден како ни подготвува појадок. Вистински другар!
Веста за смртта
Се слушнавме со Аки, во петокот, ден пред да почине. Ми кажа дека ќе оди за Скопје да ја види мајка ми, бидејќи таа имаше мал мозочен удар. А, беше тоа ужасно време на короната. Јас му кажав со остар тон дека нема шанси да оди, затоа што може да фати корона. Но, како што го дал господ, Аки што ќе замислеше, тоа и ќе го направеше. Ме прекина со зборовите: „Сис“, јас во недела ќе одам во Скопје, да ја видам мама.
Утредента, во саботата, додека се качував по скалите на нашата куќа, заѕвони телефонот. Ми се јави Барбара, неговата сопруга од Ново Место, и плачејќи само ми кажа: „Аки је отишао“( Аки замина). Мене, во прв момент не ми беше јасно, ја прашав каде, мислејќи да не заминал за Скопје. Не, ја слушнав добро Барбара, а таа ми дообјасни, дека Аки не отиде никаде, туку дека Аки починал. Тоа беше вистински шок за мене! Како целата куќа да се сврте околу мојата глава. Најпрво почнав да плачам, да врескам заедно со моите деца. Одеднаш се смирив, духот негов ми се чини ме смири, а јас го изгубив гласот, не можев да зборувам. И ден денес многу ми недостасува брат ми. На мене, на мојот сопруг, на моите деца и на неговите деца Едина, Кики и на малата Антониа. Претешко ми е сеуште, се ме потсетува на него, каде и да се завртам, каде и да видам нешто негово. Буквално се ме потсетува на брат ми. Подолго време не можев да слушам ниту една негова песна. Бевме толку поврзани. Еднаш во исто време од тогашен „Југоекспорт“ се случи, дури да купиме сосема идентичен мебел.
–
0 Џули, каков совет би му дала денес на Аки, да беше жив?
Би го советувала да не се троши толку многу, во животот и на сцената. Иако ситен, скромен, тивок, но кога ќе излеташе на сцената, се претвораше во вистински вулкан. Публиката, едноставно му веруваше, и затоа го сакаше. Мислам дека Аки го потроши своето срце давајќи ја несебично својата љубов на своите најблиски и на пријателите. Зошто си замина, не знам? Знам само дека го „потроши“ срцето. Да е сеуште жив би му рекла онака најискрено сестрински: Аки не го троши своето срце во музиката, на сцената, на пријателите. Остави нешто и за себе, биди си малку себичен, имаш право на тоа. Тоа би му го рекла како неговата родена сестра. Ама, ете пак не знам дали би ме послушал? Морам и ова да го кажам: Татко ни Мустафа, еднаш му ги кажа следниве зборови: „Запомни, музиката може да направи човек да се искачи многу високо, но исто така може да направи човек да падне многу ниско“. Затоа, среќна сум што брат ми се искачи многу високо во светот на музиката, среќна сум што ми беше брат. Сега кога е таму горе, нека го чуваат ангелите, затоа што овде, на земјата , тој направи премногу за еден човечки живот. и остана засекогаш во нашите срца
Многу ми недостасува, премногу ми фалат неговите зборови: „Еј, сис“, ми фали неговиот глас, ми недостасува неговата братска прегратка. Сега кога сум посмирена, повторно можам да ги слушам неговите песни. Ги слушам, си ги пејам и….ете, си плачам.
Многу ја сакаше македонската музика, особено онаа традиционалната, а го обожаваше Тоше Проески. Често знаеше на собири, да запее македонски народни песни, и што е највпечатливо, насекаде се гордееше што е од Македонија. Неостварена желба на брат ми oстана да сними албум со македонски етно бисери, кои со задоволство ги пееше. Поради песната се пресели во Загреб, со песни секогаш се враќаше во Македонија и кај нас дома, во Америка. Со македонската песна „Зошто си ме мајко родила“ го испративме во вечниот сон, на последното патување во Алејата на великаните на гробиштата Мирогој, во Загреб. Еднаш ми има кажано: “Јас си заминав, но цело време живеам со вас, пријателите и другарите, со Македонија која ја носам тука, во моето срце“! Љубчо Алексовски