„Вардарскиот Регион и Градско имаат уникатни можности за привлекување туристи и за промоција на природните убавини, културното богатство, црквите, манастирите, гастрономијата, нашите локални производи и специјалитети“, беше истакнато при неодамнешната посета на министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, и на националниот координатор за туризам, Акан Махмут, на овој дел од државата.

„Општина Градско ја развива соработката со институциите, бизнис-секторот и со сите заинтересирани страни, а сè со цел да го создаде најдобриот амбиент за развој на туризмот во овој регион“, истакна Љутков, кој го посети ранчот со коњи во сопственост на Васко Величковски, кој од неодамна, во овој регион, го промовира проектот „Шерпа хорс рајдинг“, застапуван од КК „Бистра“ – Галичник. Министерот Љутков и националниот координатор Махмут беа запознаени и со можностите што ги нудат винските патеки и винарниците.

Посетата на Градско опфати и обиколка на дел од културниот потенцијал на Општината, каде што е и манастирскиот комплекс „Свети Архангел Михаил“ од 17 век, како и најголемиот и најзначаен археолошки локалитет – Стоби.

„Стоби е во фокусот на Министерството за култура и туризам за финансирање проекти од национален интерес за истражувања, конзервација и презентација. Во таа смисла, ги поддржуваме напорите на стручниот тим на установата во остварувањето на дејноста, преку реализација на истражувачки проекти, проекти од областа на заштитата на културното наследство, организацијата на меѓународните школи и обуки за заштита на културното наследство, како и во примената на нови технологии и интерактивни пристапи во презентацијата“, рече Љутков.

Најавувајќи го периодот што следува, министерот Љутков рече дека Вардарскиот Регион има потенцијал да стане бисер на транзитниот туризам во земјава.

ИЗДВОЕНИ