Во Вардар ни риба, ни жаба не можеш да видиш – сè е тиња, нечистотија и пластика!

118

Според податоците за загадувањето на реката во Скопскиот Регион, за изминатите три години, речиси сите примероци што се испитувале биле физичко-хемиски неисправни, додека бактериолошки неисправни биле 100 % од испитаните мостри. Според мерењето на надлежните, најзагадено е во долниот тек на реката, каде што се слеваат и сите фекалии од скопската канализација, која сè уште непрочистена се испушта во Вардар. Континуирано, бактериолошки, водата во реката Вардар е од четврта категорија, додека хемиски е меѓу трета и четврта категорија. Тоа го потврдија и испитувањата извршени на 17 јули годинава. Кај Камениот мост, бактериолошки водата е од трета категорија и хемиски е, исто така, од трета категорија – изјави Љупчо Костадиновски, раководител на Одделението за хигиена во Центарот за јавно здравје – Скопје

Реката Вардар во Скопје се претвори во отворена канализациска цевка. Целата скопска канализација, непрочистена, директно се влева во реката. Сега, во летниот период, кога е намалено нивото на водата во Вардар, фекалиите особено доаѓаат до израз, а шират и неподнослива реа, што претставува потенцијална опасност за граѓаните.

Вардар не смее да се користи ни за капење ни за полевање. Според податоците за загадувањето на реката во Скопскиот Регион, за изминатите три години, речиси сите примероци што се испитувале биле физичко-хемиски неисправни, додека бактериолошки неисправни биле 100 % од испитуваните мостри. Според мерењата на надлежните, најзагадено е во долниот тек на реката, каде што се слеваат и сите фекалии од скопската канализација, која сè уште непрочистена се испушта во Вардар.

Љупчо Костадиновски, раководител на Одделението за хигиена во Центарот за јавно здравје – Скопје, вели дека секој месец се врши анализа на водата од реката Вардар, а се земаат мостри од различни места, како што е од Камениот мост, мостот во Влае…

– Континуирано, бактериолошки, водата во реката Вардар е од четврта категорија, додека хемиски е меѓу трета и четврта категорија. Тоа го потврдија и испитувањата извршени на 17 јули годинава. Кај Камениот мост, бактериолошки водата е од трета категорија и хемиски е, исто така, од трета категорија – изјави Костадиновски.

Тој додава дека летно време се чувствува непријатна миризба од мршите и од пластиката што се фрла во речното корито, а водата е забранета и за капење и за наводнување.

– Не можеш ниту риба ниту друг жив свет да видиш во Вардар. Сè е тиња, нечистотија и пластика – истакна Костадиновски.

Потенцира дека, и покрај тоа, никаде нема табла со предупредување дека е забранета водата за капење и за наводнување и ништо не е преземено за прочистување.

– Недостигаат предупредувачки натписи, но и едукација зошто не треба да се фрла сè и сешто во реките – дециден е Костадиновски. 

Но, сето тоа не е пречка децата од дивата ромска населба кај топланата „Исток“ и централата на „Те-то“, во летниот период, да бараат спас од жештините со тоа што безгрижно се капат во Вардар, не мислејќи дека може да заболат од некоја заразна болест.

Скопје е еден од ретките европски градови каде што и во 21 век водите од канализацијата непрочистени се испуштаат директно во Вардар. Иако со години се ветува како решение за овој проблем, пречистителната станица за третман на отпадните води кај Трубарево во Скопје сè уште не почнала да се гради. За изградба на пречистителната станица, земени се 136 милиони евра кредит од Европската инвестициска банка (ЕИБ) и од ЕБОР, а 70 милиони евра се неповратен грант од Европската Унија.

Тендерската постапка за изградба на пречистителната станица за отпадни води веќе е завршена и беше избран најповолен изведувач, по што следуваше расправија меѓу партијата ВМРО-ДПМНЕ и скопската градоначалничка, Данела Арсовска, за обиди за местење на тендерот.

Скопската градоначалничка, Данела Арсовска, во септември 2022 година го разреши тогашниот директор на ЈП „Водовод и канализација“, Златко Перински, поради самоволие и несоодветно постапување во постапка за милионски тендер за пречистителната станица во Скопје. Перински е кадар на ВМРО-ДПМНЕ.

Изградбата на пречистителната станица за отпадни води е круцијален проект за главниот град, со кој ќе се врши прочистување на отпадните води на над половина милион жители на главниот град. Меѓународниот тендер за изградба на пречистителна станица за отпадни води беше распишан во текот на мандатот на градоначалникот Петре Шилегов, во 2020 година.

Првичниот краен рок за завршување на изградбата на овој капитален објект беше 2026 година. За да помисли да стане земја членка на ЕУ, Македонија ќе мора да изгради пречистителни станици за отпадни води во сите поголеми населени места.

(А.П.)

.