Викендов почнува пролетниот дел од македонската Прва фудбалска лига. Борбата за шампионската титула никогаш не била поотворена, затоа што три тима, Силекс, Шкендија и Работнички, имаат ист број бодови (37), а четвртопласираниот Гостивар има два помалку. Освен за титулата, ќе има голема борба и за местата што гарантираат опстанок во елитното друштво. Тоа беше очекувано за неколку екипи, но не и за најтрофејниот македонски клуб, Вардар, кој е претпоследен, со 13 освоени бода. И во првиот дел од сезоната „црвено-црните“ беа најжешка тема, првенствено поради фактот што имаат нов сопственик, унгарскиот бизнисмен Атила Бижен Жилали, кој сè уште се нема појавено во Скопје и кој му даде одврзани раце на познатиот новинар Миленко Неделковски да менаџира со клубот во улога на извршен директор. Јавноста е запозната со фактот дека Владата на РМ даде зелено светло за новата управувачка структура, која не им е по ќеф на најверните навивачи на Вардар. Тие не кријат дека не ги „мирисаат“ Миленко Неделковски и тренерот Гоце Седловски, а за сите жешки теми за и околу Вардар дневниот весник ВЕЧЕР разговараше со првиот човек на Здружението „35 години вардарци Скопје“, Милорад Миленковски.
Вардар е секогаш жешка тема кога е фудбалот во Македонија во прашање. Се екипира новото раководство, ангажирани се нови фудбалери, но за јавноста е важно какво е размислувањето околу сето тоа на најверните навивачи, кои со години се грижеа за клубот, кој стоеше на стаклени нозе.
– Без разлика што сме го воделе ние, јас лично бев ангажиран, во голема мера, околу раководењето на клубот и успеавме да го извадиме од една многу тешка ситуација. Тогаш се виде една светла иднина според начинот на кој беше перципиран клубот. Тогаш се појави надеж кај луѓето, кои почнаа да го чувствуваат Вардар близок до своето срце, како што беше во минатото и како што треба да биде секогаш. Со доаѓањето на новата структура – сите знаеме на каков начин, а ние моравме да проголтаме некоја кнедла, имајќи предвид кој ни кажува и кој ни препорачува дека мора да се случи тоа за подобра иднина на клубот – ние прифативме, поверувавме и ги отворивме вратите. Мислам дека имавме големо трпение во однос на тоа што се случуваше во однос на играта на Вардар во изминатите шест месеци и не беа во право оние што тврдеа дека Вардар има голема штета од своите навивачи. Напротив, клубот ја имаше нашата поддршка секаде каде што играше и нормално дека не сме задоволни од резултатите, но резултатите не се тие што се поголемиот проблем. Поголемиот проблем беше односот на извршниот директор на клубот, Миленко Неделковски. Од неговиот однос се доби впечаток дека тие не го почитуваат Вардар, не ја разбрале големината на клубот. Сепак, ќе оставиме времето да покаже, ние сме дале доверба, на ваков или на онаков начин, да се случат некакви позитивни промени во клубот, кои сè уште не се случиле. Почнува пролетниот дел од сезоната, Вардар е претпоследен со 13 бода, со изменет состав, играчи што не се енигма, познати ѝ се на јавноста. Има нешто за што се согласуваме со новото раководство, а тоа се амбициите на клубот: да се освои Купот на Македонија и директен опстанок во лигата. Лично, очекувам опстанок во лигата и дека ќе бидеме конкурентни во Купот. Вардар игра против Силекс, а нашата предност ја гледам во тоа што ќе бидеме фокусирани на Купот додека противникот мисли на шампионата титула. Верувам дека играчите ќе го дадат максимумот, имаа подготовки во Анталија, во едни извонредни услови и убеден сум дека ќе има позитивен резултат од сето тоа. Од недела, па сè до мај да бидеме фокусирани, затоа што секој натпревар, за нас, е дерби и нема предавање.
Директно од Владата на РМ беше сугерирано дека мнозинскиот пакет акции со кои располагаа најверните навивачи, мора да заврши во други раце. Дали во текот на тие состаноци беше ветувано дека ќе биде одработена актуелната сезона на „мускули“, а од следната ќе биде нешто сосема друго?
– Не зборувавме за некакви временски рамки, од кога ќе почне тоа, затоа што ние очекувавме веднаш да почне тоа. Еве, може да сфатиме дека е потребно време да се консолидира клубот. Јас лично верувам во процесот, верувам дека се добри намерите, затоа што би немало никаква логика да се случи сето тоа со првиот ден од новата Влада на РМ, да тргне приказната и да заврши лошо. Можеби, од нас се крие комплетната слика и единствено нешто на кое би се потпирало тоа е нашата верба. Немаме никаква основа да веруваме дека ќе се случува нешто добро, но оставаме на факторот изненадување и дека станува збор за структура што не би дозволила, на почетокот од својот четиригодишен мандат, да прикаже некакви неуспеси во еден клуб што претставува македонска гордост. Преку Вардар, треба да се покаже еден позитивен пример во општеството, дека не само спортот туку и државата ќе премине во некоја нова фаза на развој на совеста. Потребно ѝ е такво нешто на оваа држава, потребна е некоја надеж, некоја искра во општеството, која ќе им даде шанса на луѓето да веруваат дека може да се живее добро тука, дека може да се развива спортот, да се случуваат убави работи… Ова не е големата слика за Вардар, ова е големата слика за Македонија, затоа што Вардар е Македонија. Кога ќе видите на кое место е Вардар, ќе сфатите во каква состојба е Македонија.
Извршниот директор не ја прифати вашата иницијатива сите навивачи да дојдат на стадион со македонско знаме, како одговор на дивеењето во текот на Денот на албанското знаме, кога беше запалено македонското знаме.
– Сметам дека реагираше така од една сосема поинаква перспектива, затоа што мора да ги имаме предвид мотивот и околностите поради кои се повикаа сите Македонци. Мотивот беше кинењето и палењето на македонското знаме во текот на прославата на Денот на албанското знаме. Нема да коментирам за тој настан за да не се добие некаква политичка димензија, но така ни беше кажано во некои други кругови, дека постојат индиции дека некој би го злоупотребил тој наш настан, кој беше со добра намера и така беше препознаен. Нашата намера беше добра, сакавме да покажеме дека сме тука за да ги браниме македонското знаме и македонскиот идентитет. Ни беше кажано дека може да бидат „уфлени“ луѓе со различни намери, а тоа дали поверувавме, не е ни важно, беше донесена одлука за забрана за присуство на публика во последните две кола. Ние не сакавме да бидеме нечија марионета за остварување други цели. Ние бевме во Битола, на ракометното дерби, заедно со навивачите на Пелистер го веевме македонското знаме и покажавме единство кога се македонските национални интереси во прашање.
ФФМ сфати дека се игра фудбал за публиката, „комитите“ и „чкембарите“ го докажаа тоа на дерби-дуелот во Битола, но до кога ќе чекаме навивачите на Вардар да гостуваат во Тетово или во Чаир?
– Како в.д. претставник на клубот, многу години, имав средби со претставниците на сите клубови и во некои неформални разговори и со Шкендија и со Шкупи сме разговарале на една таква тема – за присуство на гостински навивачи. Заедно дојдовме до заклучокот дека моментално не е созреано тоа, но тоа што мене лично ме радува е тоа што не е созреана од другата страна. Ние веќе созреавме за такво нешто и го доживеавме зенитот, кој, поради некои причини, со доаѓањето на новата управа, повторно се случува онаа болка што ја имаше навивачката група „Комити“, секогаш кога ќе доживее некаков зенит, кога ќе треба да се случи нешто добро, веднаш како да се сече со нож. Тоа се гледа од подалеку и ќе забележите како да е пресечено со нож, од последниот натпревар во изминатата сезона, против Детонит, до првите две-три кола од новата сезона. Тука заврши таа позитивна атмосфера и дојде една лоша енергија, која не е сменета до ден-денешен. Константно се одржува една лоша енергија, со која треба да бидат разбиени навивачите и да бидат долу, да немаат сопствен став, сопствена идеологија. Многу ме загрижува тоа, не само како човек од спортот туку и како граѓанин, Македонец воопшто. Се надевам дека ќе дојдат подобри времиња и за Вардар, дека ќе огрее сонце и ќе се вратат вистинското вардарство, вистинската љубов и порив, кои нè натераа да бидеме со Вардар и во Втората лига. Дерби-дуелот со Пелистер во Скопје треба да ни биде појдовна точка од каде што треба да продолжиме понатаму. Вардар има потреба од сопствен стадион, има најава за такво нешто, а, можеби, со промената во ФФМ ќе дувнат и подобри ветришта, ќе има поголемо разбирање за фудбалот и за тоа за кого се игра фудбалот, за клубовите… Сакам да напоменам дека додека бев дел од Вардар, тој имаше коректна соработка со ФФМ. Нормално дека секогаш може подобро. Очекувам од новото раководство на ФФМ да помогне во формирањето на здружението на прволигаши и на тој начин клубовите да учествуваат во раководењето на Федерацијата.
„Комитите“ се обидуваа на секаков можен начин да ја вратат публиката на трибините, со продажба на пијалаци, реквизити, членски карти. Може ли да се очекува такво нешто и во вториот дел од сезоната?
– Тоа се детали, најважна е енергијата што се генерира. Ако постојат искрени намери, сè ќе си дојде на свое место, нема потреба да се блокира нешто што е од помош, што е составен дел. Не е само да дојдеш и да гледаш фудбал, потребна е и логистика, со која ќе го привлечеш модерниот скопјанец да дојде на стадион, во доби услови, да му понудиш забава и едноставно да заборави на секојдневните проблеми. Враќањето на публиката на стадионите треба да биде приоритет, не само на Вардар, без разлика на несогласувањата што ги имаме со новото раководство. Со сè може да се продолжи, со секаква продажба на сувенири, пијалаци, реквизити, но моментално енергијата не го дозволува тоа. Можеби, ќе ги добиеме сите дозволи од сегашното раководство, но ја нема енергијата. Потребни се суштински промени, затоа што со такво размислување не може да се раководи со еден клуб каков што е Вардар. Потребна е позитивна енергија, Вардар е креиран да ги привлекува луѓето, да бидат горди на нешто на што ќе се радуваат, а не како што стојат работите моментално. Голем број навивачи избегнуваат да ги следат натпреварите во живо поради енергијата што се генерира. Со лоша енергија, нема убави работи, дури и успехот не е толку голем кога е лоша енергијата. Имаме различни приоритети, на Вардар секогаш треба да му биде приоритет враќањето на публиката на стадион. Не знам кои се приоритетите на новото раководство, но без разлика дали се согласувам или не, јас секогаш посакувам успех, фудбалерите да бидат здрави, да обезбедиме опстанок и да славиме во Купот на Македонија. Секој искрен навивач на Вардар ќе му посака само успех. Очекуваме сметката на Вардар да биде деблокирана, долгот кон УЈП да биде репрограмиран, да се средат долговите со доверителите, исто така со репрограмирање. Веруваме дека зад оваа фасада на лоша енергија постои некоја добра намера, која ќе ги движи работите во вистинската насока, а ние сме секогаш тука за поддршка и без никакви суети.
Што може да очекуваме од навивачите на Вардар кога е дерби-дуелот против Шкендија во прашање?
– Како што сум информиран, навивачката подгрупа од Кисела Вода ќе има јубилеј, веројатно и „Лојал фанс“ ќе прослави 25 години постоење. Се надевам дека ќе има публика, дека достојно ќе се претстави ова фудбалско македонско дерби. За нас се многу важни бодовите од овој натпревар и тие се пред епитетот „дерби“, затоа што не сме во можност да се фокусираме на некои секундарни, терцијарни инстинкти кога ни е примарен опстанокот во првенството. Мора грчевито да се бориме за секоја топка и на секој натпревар да атакуваме на бодови. Против Шкендија, очекувам да прикажеме добра игра и дека прво ќе останеме непоразени, а доколку имаме среќа, фокусирани сме и веруваме во победа, зошто и да не славиме?
За крај, дали и понатаму Гоце Седлоски е персона нон грата за навивачите на Вардар?
– Јас веќе ги кажав причините за ставот на навивачите зошто не треба Гоце Седлоски да биде тренер на Вардар. Не сакам јавно да зборувам на оваа тема, доволно е да се праша поранешниот сопственик на Вардар, Сегеј Самсоненко, зошто беше сменет Седловски непосредно пред дуелот со Фенербахче и беше ангажиран Чеде Јаневски. Лично немам ништо против Седлоски, се познаваме, но некои работи што се направени не може да се избришат, не може да се оди против волјата на навивачите, па дури и да не се во право. Значи, доколку е желбата на навивачите да не биде Миленко, не треба да биде Миленко. Истото важи и за Седлоски и за некои други лица што се дел од актуелната управа. За жал, во Вардар се случи токму спротивното, сè што е последно што треба да се случи во клубот – се случи. Како да е некаков тест за трпението на сите нас, како би реагирале доколку сè се случува наопаку. И во ваква ситуација, секој што го сака Вардар – не му посакува зло, дури му посакува и успех. Најважно од сè е Вардар да оди напред, Вардар е пред сè и над сè. Ние не сме се сретнале со сопственикот Атила Бижен Жилали, кој, според некои најави, треба да дојде во март. Очекуваме со неговото доаѓање да почне една нова ера во Вардар, иако требаше веќе да се појави, бидејќи Вардар не е кој било клуб, не е играчка. Ете, помина сè, секое чудо за три дена, сè што не посакувавме се случи, но, можеби, ќе дојде и тој ден кога ќе се случи сето она што го посакувавме. Преку Здружението „35 години вардарци Скопје“, имаме претставник во Одборот на директори, има некои точки во договорот што се однесуваат на заштита на клубот. Ние и понатаму сме дел од клубот со 15 % од акциите, но не знаеме како ќе биде во блиска иднина. Јас моментално не сакам да бидам дел од клубот поради таквата енергија, ништо не ми е привлечно, ме одбива, иако Вардар ми е сè во животот, многу имам вложено од секој аспект, емотивен, материјален, духовен… Немам добиено ниту побарано нешто за возврат, но секогаш сум тука за него.