Да се воведат едукативни активности во основните училишта во Карпош, во поглед на справувањето со евентуалните безбедносни ризици што може да се појават во оваа средина, побара градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, на втората седница на локалниот Совет. Во насока на зголемување на општата безбедност, тој воедно и побара поголемо присуство на полициските службеници на терен, со оглед на тоа што голем дел од урбаната опрема и од реквизитите што ги поставува Општината во рамките на детските игралишта се честа цел на вандалско однесување.
– Во текот на расправата, советниците од Карпош алармираа за преземање неопходни мерки во поглед на сигурноста во сообраќајот, од аспект на распоредување соодветна сигнализација, редовно обележување на пешачките премини и поставување семафори на најкритичните точки на коловозот во Карпош – соопштија од Општина Карпош.
Оттаму информираа дека на седницата се развила опширна дебата во рамките на која биле разгледувани повеќе конструктивни предлози, кои понатаму ќе се практикуваат во училишните и во предучилишните установи во Карпош, во вид на стратегии, но и конкретни чекори во насока на општата безбедност.