Во тек е пријавувањето за десеттиот планинарски марш „Голак 2024“

42

Во Делчево, во тек е пријавувањето за јубилејниот 10. планинарски марш „Голак 2024“. Настанот е во организација на планинарскиот спортски клуб „Голак“ од Делчево, во соработка со „Брегал“ ДОО, Федерацијата за планинарство и Општина Делчево, а ќе се одржи в недела, на 8 септември 2024 година.

– В недела, го организираме 10. јубилеен планинарски марш до Голак. Почетната точка на маршот е Општина Делчево, а крајната цел е врвот Мала Чавка на планината Голак, кој се наоѓа на 1.508 метри надморска висина. Патеката на движење е со висинска разлика околу 1.000 метри и се искачува за 3 часа и 30 минути, а времето за симнување е 2 часа – информираше претседателот на ПСК „Голак“, Љупчо Чучуковски.

Должината на маршрутата во двата правца изнесува 24 километри.

– Можно е патеката да биде променета по обратен редослед, за поубав панорамски поглед кон градот Делчево и кон Пијанечката Котлина. Таа е маркирана и добро позната на организаторот, бидејќи е помината многу пати. Се минува низ дабова, габерова и низ борова шума – објасни Чучуковски.