Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини потсетува дека е во тек Јавниот оглас за финансиска поддршка за потрошена електрична енергија за 2025 година, наменета за граѓаните што спаѓаат во категоријата на ранливи потрошувачи на енергија.
– Финансиската поддршка преку намалување на месечната сметка за потрошена електрична енергија изнесува 1.000 денари месечно и се одобрува за период од 12 месеци, почнувајќи од денот на поднесување на барањето. Пријавувањето трае 30 дена од денот на објавување на огласот (до 19 април), па ги повикуваме сите граѓани кои ги исполнуваат условите да аплицираат навремено и да не ја пропуштат оваа можност за намалување на трошоците за електрична енергија – велат од Министерството за енергетика.
Оттаму потсетуваат дека право на поддршка имаат домаќинства со едно или повеќе деца со попреченост, корисници на посебен додаток, со вкупен-нето доход во 2024 година под утврдените граници (од 42.000 до 80.000 денари, според бројот на членови), како и згрижувачи на лица, корисници на надоместок за згрижување, чиј доход не го надминува предвидениот праг (според бројот на членови во домаќинството (од 42.000 до 160.000 денари). Оние што веќе примаат паричен додаток за енергенси или финансиска поддршка за стари лица не се опфатени со оваа мерка.