Годишната изложба „Професори и студенти“, настан во организација на Младинскиот културен центар – Скопје, годинава ќе се одржи на 17 јуни, а ќе трае до 30 јуни. Во тек е аплицирање за учество кое ќе трае до 15 мај.
„Во животот на млад творец и креативец, клучна улога игра неговиот ментор. Оваа конкретна изложба секоја година гради мост меѓу студентот и неговиот професор, прикажувајќи ги сличностите, влијанијата и разликите преку ликовната уметност како форма на комуникација помеѓу различни генерации. Токму овој спој на разнолики и сеопфатни профили и стилови на уметници ја отвора можноста за продлабочена дискусија за правецот во кој се движи и развива уметноста, на индивидуално, како и на групно ниво. Создава директен пристап до креативниот процес на сите учесници и остава трага од уметничкиот развој на младите, нови генерации на уметници“, велат од МКЦ.
Оттаму посочуваат дека со тоа што се вклучени нивните ментори се открива нивната основа и примарен извор на инспирација, покрај тоа што се нуди заемна поддршка и соработка.
„Без разлика дали студентите имаат развиено драстично различен стил од своите ментори, како Шиле од Климт или, пак, ќе се пронајдат под нивно влијание, тоа е нешто што се открива преку вакво презентирање кое разгорува понатамошни дискусии. Поентата во умешното менторство е начинот на кој тие го водат и посочуваат својот студент кон сопствено пронаоѓање и интроспекција. Тие служат како водич, но и критичар кој ги открива слабите и јаките страни кај младите и ги поттикнува да се развијат во индивидуалци кои гордо ќе ги споделат своите идеи и пораки преку нивните дела. Периодот на самооткривање кај секој уметник е значаен и вреди да биде документиран и презентиран пред што поголема публика со цел за добивање на поддршка и реакција, која понатаму служи како алатка за подобрување и стекнување самодоверба“, додаваат од МКЦ.
Убавината кај ваквиот тип на групни изложби е тоа што нуди можност за соединение на дела од студенти и професори од голем број факултети и академии во државата. Така што вклучени се и од државни универзитети, но и оние институции од приватен карактер.
Аплицирање за учество на изложбата е на gorjanZhmkc.mk и infoZhmkc.mk, при што е потребен краток опис на настапот со соодветни фотографии од делата. Можат да учествуваат професори со најмногу два нивни студенти и да приложат опис на заедничкиот настап.
„Да не се занемари фактот дека на уметноста потребна ѝ е публиката, таа е витален аспект на самата поента и потреба за нејзино создавање. Уште поголемо достигнување од самото изложување на дела е кога тие ќе допрат до гледачите, а можеби дури да им го променат и доградат вкусот со цел да се адаптираат на стилот на уметникот.