Во Техеран е уапсена студентка која во знак на протест се соблекла по долна облека

180

Иранска студентка која се соблече до долна облека во знак на протест против малтретирањето на полицијата на Револуционерната гарда е уапсена во Техеран, објавија активистичките групи преку социјалните мрежи, пренесува агенцијата Франс прес.

Девојката, чиј идентитет не е откриен, студентка на престижниот Универзитет Азад во Техеран, беше малтретирана од членови на милицијата Басиџ, велат активистите. Во знак на протест, таа се соблече во долна облека пред универзитетот и почнува така да се движи по улиците, покажа едно видео.

Видеото најпрво беше објавено на студентскиот портал Амир Кабир, а подоцна беше пренесено на бројни персиски веб-страници, меѓу кои и правниот сајт-Дадбан, групата за човекови права Hengav и информативната страница Iran Wire.

Видеото очигледно го снимиле станарите од соседната зграда. На други видеа се гледа како девојката ја туркаат во автомобил мажи во цивилна облека. Според порталот Амир Кабир, таа била претепана при апсењето.

Амнести Иран, огранок на Амнести интернешенел, на мрежата Х напиша дека иранските власти треба веднаш и безусловно да ја ослободат, а наводите за тепање и сексуално насилство врз девојчето треба да бидат истражени во независна и непристрасна истрага.

Иранската новинска агенција Фарс објави за инцидентот и објави заматена слика од студентката. Според агенцијата, девојката носела „несоодветна“ облека на час и се „соблекла“ кога полицијата и го привлекла вниманието на тоа.

Иранскиот исламски закон наметнува многу строг кодекс на облекување за жените, кои мора да носат шамии и широка облека што не го оцртува телото. Според агенцијата Фарс, која се повикува на „сведоци“, полицајците разговарале „смирено“ со девојката и не постапиле агресивно.

Иранките стојат зад протестното движење започнато во земјата по смртта на младата девојка, Махса Амини, во септември 2022 година, додека таа беше во притвор откако беше уапсена поради непочитување на правилата за облекување. Иранските власти насилно ги задушија протестите, а според невладините организации загинаа најмалку 551 лице, а илјадници беа уапсени.

ИЗДВОЕНИ