Според историските податоци, целосната изградба и живописувањето на црквата биле плод на заеднички залагања, при што ктитор на црквата бил кесарот Гргур, а на сликарството – деволскиот епископ Григориј. Највпечатлива е фреската на која е претставена света Ана Млекопитателница како ја дои Пресвета Богородица. На вториот редок мотив на фреската се гледа како Богородица го оплакува Исус, а на третата фреска, со многу редок мотив, е Ноевата арка

 

Уникатноста на црквата „Света Богородица Заумска“ во непосредна близина на селото Трпејца, Охридско, до која може да се дојде само по воден пат, од езерото, е позната во светски рамки. Пред црквата се наоѓа и местото каде што е најдлабоката точка во Охридското Езеро. Ова извонредно духовно светилиште од 14 век, кое е сместено под карпестиот гребен на Галичица, со својата околина привлекува голем број верници, но и посетители од целиот свет, особено поради фреските, кои се меѓу најретките во светски рамки.

Според изгледот на својата градба и начинот на фрескоживописот, црквата „Света Богородица Заумска“ е единствена и доста се разликува од сите други средновековни црковни храмови во Македонија и пошироко. Таа е украсена со фрески, дела на непознати зографи. Кога станува збор за живописот, стручњаците сметаат дека тој е дело на зограф што се издвојувал од своите современици што работеле во Охрид. Според одликите, не е исклучено да ги стекнал своите познавања во уметничкиот центар во Солун. Ова сликарство има исклучително значење за изучувањето на уметничкото создавање од втората половина на 14 век. Живописот е прилично оштетен, особено во сводовите и куполата. Во првата зона, зачувани се светителите во цел раст: свети Климент Охридски, свети Наум Охридски, Исус Христос, Пресвета Богородица и др. Највпечатлива е фреската на која е претставена света Ана Млекопитателница како ја дои Пресвета Богородица. На вториот редок мотив на фреската се гледа како Богородица го оплакува Исус, а на третата фреска, со многу редок мотив, е Ноевата арка.

Почнувајќи од 2012 година, се изведуваат конзерваторски и реставраторски работи за зачувување на живописот на црквата, која претставува и извонредна архитектонска градба со декорации, елегантни пропорции и со нагласена височина.

За тоа кога е изграден овој храм, дознаваме од зачуваниот натпис што се наоѓа над влезната врата. Според него, црквата е подигната во 1299 година. Фрескоживописот, пак, е од 1361 година.

Инаку, според историските податоци, целосната изградба и живописувањето на црквата биле плод на заеднички залагања, при што ктитор на црквата бил кесарот Гргур, а на сликарството – деволскиот епископ Григориј, кој спаѓал меѓу највлијателните великодостојници на Охридската архиепископија кон средината на 14 век. Интересно е што во непосредна близина има и археолошки наоди од старохристијанското време и средновековна населба.

Црквата „Света Богородица“ во Заум е ѕидана од бигор, камен и од тула. Обликот, пак, на црквата во впишан крст е мошне специфичен, со кубе што се потпира на четири столба, кои во горниот дел завршуваат со различни капители, слично како и охридските цркви „Света Богородица Перивлепта“ и „Свети Јован Канео“. Два капители украсени со акантусови лисја, кои се поставени на олтарните столбови и два импост капители од бел мермер на западните столбови се вградени од постарите пронајдени археолошки остатоци, при што и во 1960 година, во дворот на црквата случајно бил откопан импост капител од бел мермер.

Во почетокот, црквата имала и припрата, која била засводена со полукружни сводови, но тремот од западната (езерската) страна е урнат. Над самата влезна врата, како и од нејзините страни и денес има видливи остатоци од живописот со кој била насликана некогаш припратата. Живописноста на фасадата е постигната со примена на орнаменти во најразлични комбинации (шаховски полиња – дијагонално поставени меандри, крстови и запци), сите изведени од тула. Тристраната апсида е расчленета со слепи арки. Со ваквите решенија, оваа црква се издвојува од другите споменици на своето време во охридското подрачје. При копањето дупки за садење овошни дрвја, во северниот крај на дворот биле откриени остатоци од куќи – земјанки, речиси со кружна форма во основата. Имајќи предвид дека ваквите градби се нарекуваат хумки, можно е овие наоди да имаат некаква поврзаност со името „Заумска“.

За настанувањето и изградбата, а воедно и како толкување на името на манастирот „ Свети Заум“, меѓу народот постои легенда што е широко распространета како предание, кое, според Марко Цепенков, го знаеле сите охриѓани, а кое подоцна, исто така, го запишал и современиот собирач на македонски народни легенди, Апостол Поп-Јовановски. Според легендата, многу луѓе се обидувале да ja измерат длабочината на Охридското Езеро, но никој не успевал да стигне до дното. Некоја жена, која била царица, три години предела конец и заминала со чамец среде езерото за да ја измери неговата длабочина. Но, наеднаш мирното и тивко езеро како да сакало да ја одврати во намерата, па се разбеснило и разбранило со огромни бранови, кои се заканувале да го превртат и потопат чамецот на царицата и нејзината придружба. Царицата се исплашила и паднала на колена, да Му се моли на Бога да ја избави од разулавеното езеро, ветувајќи дека ќе изгради манастир на местото на кое ќе ја избави од езерото. Штом го дала тоа ветување, брановите почнале да се намалуваат и езерото да се смирува, со што жената довеслала до брегот, каде што рекла: „Е уште еднаш ЗА УМ нека ми биде ова, што ми требаше да го мерам езерото“ и дала заповед да се направи еден манастир на тоа место, кој го нарекла „Заум“, поради големиот страв што го преживеала. Така да го гледа и да памети оти ќе се удавела. Преданието вели дека манастирот е на брегот под стрмните карпи, кај најдлабокиот дел од езерото „за ум“ на секој човек што ќе оди таму да се чува и да не влегува во него.

ИЗДВОЕНИ