Старите автобуси не прифаќаат модерна апликација

71

Граѓаните реагираат дека новата апликација како да е недоволно тестирана, односно изгледа сосема неоптимизирано, бидејќи кога ќе се стартува, се чека 15-20 секунди на сосема бел и празен екран. Освен тоа, тие се жалат дека целата апликација работи многу бавно и поради тоа, не може да ја користат. Од ЈСП не одговорија дали се запознаени со проблемите и кога ќе ги решат. Очигледно е дека состојбата со јавниот градски превоз останува хаотична каква што беше и досега, со недоволен број автобуси, без почитување на возниот ред, со доцнење и до два часа, а сето тоа на грбот на скопјани, кои плаќаат да бидат удобно и брзо превезени

 

Новата автобуска апликација „Скопје бус“, изгледа, не се покажа во најдобро светло. Каде нема автобуси, a и тие што ги има се расипуваат на половина пат, граѓаните, нервозни, чекаат час, па и два часа на автобусите постојки, дојде ред да се критикува и оваа апликација.

– Се среди јавниот градски превоз, па сега му дојде ред и на начинот на плаќање – реагираат скопјани, дека прво нешто со што се соочиле било инсталирањето нови уреди – валидатори кај задните врати од автобусите. Тие, како што велат, се пробиваат низ метеж во автобусите за да дојдат до предните валидатори, кои сè уште се од стариот модел.

Тие се прашуваат зошто нема валидатори и на средната врата (секако, ова важи за автобусите што не се двокатни).

Како што потенцираат, неколку дена пред лансирањето на новата апликација, во дел од автобусите имало само нови валидатори, што ги оставило корисниците на апликацијата „Скопска“  без можност за плаќање и со ризик од казни.

Новата апликација, пак, потенцираат, како да е недоволно тестирана, односно изгледа сосема неоптимизирано, бидејќи кога ќе се стартува, се чека  15-20 секунди на сосема бел и празен екран. Освен тоа, граѓаните се жалат дека целата апликација работи многу бавно.

– За најава има неколку опции: телефонскиот број, и-мејл адресата, гугл-сметката, социјалните мрежи и слично. Јас се обидов да се најавам со телефонскиот број што го користев за „Скопска“, меѓутоа без успех. По СМС-порака, добивате код за активација, меѓутоа апликацијата не ги препознава кодовите, односно ги смета за погрешни. Имав неколку различни обиди за ова, во различни временски интервали. Ниту новите кодови што ги добивав при секој обид не беа прифатени. Овој проблем мора да биде решен. За мене, ова значеше дека не можам да ја поврзам сметката со „Скопска“ и да ми бидат префрлени средствата – вели скопјанец што е корисник на јавниот градски превоз.

Токму поради бројните проблеми, во моментов не може да ја користат апликацијата, како што велат граѓаните.

Останува да се види кога ќе ги реши јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ проблемите. Од ЈСП не одговорија за весникот ВЕЧЕР дали се запознаени со проблемите и кога ќе ги решат, иако и на мејл и телефонски побаравме објаснување. Не беше одговорено ниту на прашањето колку од ветените 30 автобуси се поправени.

Очигледно е дека состојбата со јавниот градски превоз останува хаотична каква што беше и досега, со недоволен број автобуси, без почитување на возниот ред, со доцнење и до два часа, а сето тоа на грбот на скопјани, кои плаќаат да бидат удобно и брзо превезени, а не да се пикаат како сардини во возилото што едвај го дочекале, плус и со низа недостатоци во наводно модернизираниот начин на плаќање.

Самиот директор на ЈСП, Драги Кушовски, истакна дека се потребни 40-50 автобуси за да се покрие летниот возен ред и уште толку за зимскиот. Што значи, на ЈСП му недостигаат 100 автобуси.

Проблемите со јавниот градски превоз нема да ги решат ниту новите шест автобуси со компримиран гас, донација од Канцеларијата на Обединетите нации за проектни услуги (УНОПС), која градските советници ја прифатија на последната седница на Советот на Град Скопје, а кои треба да пристигнат на 13 Ноември, Денот на ослободувањето на Скопје.

Независната советничка Ирена Витина, во изјава за медиумите, истакна дека Градот успеал да ја издејствува оваа донација преку Секторот за меѓународна соработка, но призна дека тоа нема да ги реши проблемите, бидејќи подолг период не е направена набавка на нови автобуси.

– Кое било возило има век на траење. Од директорот на ЈСП, Драги Кушовски, имаме информации дека се прават максимални напори она што може да се поправи, да се поправи. Кога имате автобуси како што се двокатните, кои 2-3 години стоеле во гаража,  тешко е да се поправат и сите да се стават во функција. Ако не покажеме разум за потребите на граѓаните, ЈСП ќе доживее колапс – нагласи Витина.

Советникот Филип Јаневски од Глас за Македонија истакна дека повеќепати давале предлози за решавање на проблемите во јавниот градски превоз, но не наишле на разбирање од градските власти.

– Потребни се нови автобуси кога знаете дека имате во гаражите возила што не се сервисираат. Падна договор со Град Скопје да се набават делови за да се сервисираат автобусите, но и од тоа нема ништо – тврди Јаневски.

Можеби, зрак надеж влева преговарањето со Град Белград да ни подари стари автобуси, бидејќи таму ќе набават нови. Тоа го потврди и поранешниот директор на „Слобода превоз“, Ленин Јовановски, кој неодамна беше во Белград. Информираше дека за ваквата донација е само разговарано и оти формално не е поднесено барање, но било дискутирано одреден број автобуси што нема да сообраќаат низ српската престолнина, да се пратат во Македонија. Иако не е сигурен дали ќе се случи тоа, Јовановски изрази надеж дека овие автобуси ќе завршат во гаражите на ЈСП, бидејќи, како што истакна, се понови од сите што ги има ЈСП.

Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, денеска изјави дека до Владата нема пристигнато официјален став од Белград за оваа донација и додаде дека системски треба да се пристапи кон решавање на проблемите во Град Скопје и во другите локални самоуправи и дека во периодот што следува ќе дадат соодветно решение за надминување на тие проблеми.

(А.П.)