Во срцето на Белград ќе се издигне луксузен хотел што ќе се вика „Трамп“

764

Џаред Кушнер, зетот на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, оваа година тргнува со изградба на луксузен комплекс на место на поранешното југословенско министерство за одбрана, во срцето на српскиот главен град Белград.

Неговата инвестициска фирма „Афинити Партнерс“ и милијардерот од Емиратите, Мохамед Алабар, ќе изградат луксузен хотел и комплекс апартмани во престолнината на Србија, на местото на поранешното југословенско министерство за одбрана. Во комплексот ќе има луксузен хотел со 175 соби, деловен простор и повеќе од 1.500 станови, пишува „Блумберг“.

Како што е наведено, Трамп имал слична идеја уште пред да се кандидира за претседател на САД во 2016 година.

Одлучено е комплексот да се вика „Трамп“, а пред да го избере ова име Кушнер разговарал со неколку брендови.

-Разговаравме со неколку брендови во изминатата година за хотелот, рече Кушнер во интервју за „Блумберг“.

Тој додава дека разговарал за ова прашање со Ерик Трамп, неговиот зет и извршен потпретседател на Организацијата Трамп, и дека се договориле за лиценцирањето.

-Мислам дека тоа ќе биде прекрасна кула Трамп, па разговарав со Ерик за тоа, и тој беше многу возбуден, рече Кушнер за предложениот дизајн.

Одлуката за брендирање на проектот како „Трамп“ е донесена по победата на Доналд Трамп на ноемвриските избори, со што се зацврстува глобалниот бренд на семејството Трамп.

Се очекува луксузниот комплекс да придонесе за развојот на Белград и да го привлече вниманието на големите инвеститори и туристи, се вели во информацијата на „Блумберг“. Кушнер овој објект го нарекува скапоцен камен во круната на Србија.

-Помагаме да донесеме многу капитал во градот кој спроведува големи реформи, рече тој.

Договорот со „Афинити Партнерс“ за градење на комплексот на избраната локација со српската Влада е склучен уште во мај годинава. Тогаш беше најавено дека во рамки на комплексот ќе има и музеј на жртвите на НАТО-бомбардирањето во 1999 година, кога беше оштетен и Генералштабот, кој е дел од локацијата. За тој музеј , како што изјави Кушнер за „Тајмс“, ќе биде проектиран во соработка со локални архитекти  и дека негов сопственик ќе биде српската Влада. Тогашниот министер за градежништво Горан Весиќ, пак, тогаш изјави дека локацијата не се продава, туку се дава на долгорочен закуп од 99 години.

Компанијата „Афинити“ на Кушнер склучи голем број зделки низ светот во последниве години, меѓу кои и со германски компании за фитнес опрема, веб-страница за иселеници од Емирати и бразилски оператор за брза храна. Кушнер, исто така, проценува дека неговата фирма, која има имот од околу 4,6 милијарди долари, е најголемиот инвеститор во Израел.

Овој проект што ќе го реализираат во Србија ќе биде прв заеднички деловен потфат на Кушнер и Алабар. Кушнер изрази надеж дека во иднина ќе имаат уште заеднички проекти. Алабар е сопственик на фирмата „Емар Пропертис ПЈСЦ“, која го разви проектот Бурџ Калифа во Дубаи.

 

ИЗДВОЕНИ