Податоците на Flightradar24 покажуваат дека мал авион „Mooney Ovation M20R“ кој полетал од Загреб исчезнал нешто по 8 часот наутро во областа Велика Планина во Словенија.
Како што пишува 24.ur, станува збор за авион со американска регистрација кој почнал спирално да спушта од височина од 2,5 километри, пренесува Index.hr.
Љубљанската полиција соопшти дека најверојатно се работи за авионска несреќа, поради што во тек е потрага.
Подоцна полицијата соопшти дека била известена дека комуникацијата на малото летало со контролата на летање била прекината.
„Контактот со леталото е изгубен од засега непозната причина во областа Велика Планина, каде што полицијата и спасувачките служби моментално вршат активности. Потрагата е отежната поради екстремно лошите временски услови и слабата видливост, што исто така го отежнува летањето на спасувачките хеликоптери“, додаваат тие.
Според првичните информации, во авионот имало едно лице, јавува порталот kamnik.info. Покрај полицијата и пожарникарите, во потрагата учествуваат и планински спасувачи од Камник и Целје.