Групата скопски велосипедисти „На точак“ велат дека мора да престанат сообраќајните несреќи во кои страдаат пешаците, потенцирајќи дека Скопје треба да биде дизајнирано за смирено возење.
Тие се револтирани откако во понеделникот, на пешачки премин на булеварот „Партизански одреди“ во Тафталиџе 2, на потегот меѓу мостот „Обединети нации“ и „Сити мол“, беа прегазени жена и дете.
Тие прашуваат: „Што е ова?! Дали живееме во некоја игра во која се газат луѓе?! И што направи возачот? Го помина „левелот?“
Велат дека мора да престане ова. Како што велат, може да се направи тоа со менување на правилата на игра.
– Не можеме лесно да им ја сменимe свеста на возачите, но можеме да ги смениме условите во кои се игра „играта“. „Партизанска“ е градски булевар, каде што треба да коегзистираат безбедно сите видови сообраќај. Не е градски автопат со предност на автомобилите, а другите исклучени – потенцираат од „На точак“.
Тие бараат да се стеснат лентите на овој булевар на три метри, да се направат пешачките премини сосема благо подигнати (не како на маалските улици, но доволно за да не се вози над 50 километри на час), да се постават семафори онаму каде што недостигаат, како и да се стави во функција системот „Безбеден град“.
– Пешачкиот премин не им припаѓа на автомобилите. Пешачкиот премин е продолжение на пешачкиот простор што се вкрстува со коловозот. На пешачки премин, кога нема семафор, предност имаат пешаците. Автомобилските ленти не треба да обезбедуваат поголеми брзини од оние на знакот и да се надеваат дека возачот ќе го почитува знакот. Автомобилските ленти треба да се дизајнираат за посакуваното однесување, не за непосакуваното. Ова се правилата на игра што очекуваме да бидат поставени од властите – потенцираат од „На точак“.
Тие се надеваат дека сè помалку ќе се читаат вести за настрадани во сообраќајни несреќи.
(А. П.)