Во Сараево денеска се уапсени Адна Месиховиќ, министерка за наука, високо образование и млади во кантоналната влада и нејзината помошничка Џенита Витешкиќ, соопштија од обвинителството и од МВР.
Месиховиќ и Витешкиќ се уапсени во акцијата „Коверт“, по наредба на в.д. обвинител на Обвинителството на кантонот Сараево.
Тие се осомничени за кривично дело злоупотреба на положба или овластување или за незаконско вработување во кантоналното министерство.
– Рано утрово е извршен претрес во становите на осомничените и во канцелариите на Министерството за наука, високо образование и млади на КС, пронајдена е документација и други предмети кои можат да се користат во понатамошна кривична постапка, стои во соопштението.
Акцијата, меѓу другото, е резултат на протоколот во гонење на коруптивни кривични дела потпишан од страна на Обвинителството на КС со Канцеларијата за борба против корупција на КС и Управат на полицијата на МВР на КС. Помош беше укажана и од Агенцијата за разузнавање и безбедност на Босна и Херцеговина, се наведува во соопштението.
Осомничените по криминалистичката обработка во МВР на КС ќе бидат предадени во натамошна надлежност на Обвинителството на Кантонот Сараево.