Во САД претседател може да се биде и од затвор, но потпретседателот не смее да сокрие брачно неверство, хомосексуално искуство, секс за пари…

203

Откако Демократите официјално ја номинираа за нивен кандидат за претседател на САД, актуелната американска потпретседателка Камала Харис, има неколку дена да го избере својот потпретседател кој ќе ја следи во изборната трка.

Според американските медиуми нејзиниот избор е сведен на тројца кандидати со кои разговарала викендов во Вашингтон: гувернерот на сојузната држава Минесота, Тим Волш, сенаторот од Аризона, Марк Кели и гувернерот на Пенсилванија, Џош Шапиро. Во петокот, таа исто така 90 минути разговарала со секретарот за транспорт Пит Бутиџиг и виртуелно се сретнала со гувернерот на Кентаки, Енди Бешеар и гувернерот на Илиноис, ЏејБи Прицкер. Нејзиниот список на кандидати е составен од белци кои биле успешни во освојувањето на гласовите на руралните, белите и независните гласачи.

Но, ако според американското законодавство претседател на државата може да биде и човек кој е во затвор, патот до потпретседателската функција е трнлив: кандидатите поминуваат низ строга проверка, при што треба да одговорат на околу 200 прашања, од кои дел задираат во длабоката интима. Дали некогаш сте платиле за секс, дали некогаш сте имале хомосексуално искуство, дали некогаш сте платиле за абортус… се дел од прашањата преку кои се кристализира изборот на потпретседател. Проверките ги вршат официјалните лица на кампањата и адвокати и тоа бесплатно поради престиж. Тие најчесто имаат време од околу еден месец за да ископаат некаква валканица за кандидатите. Ги  истражуваат нивните даночни пријави и историја на болести, под лупа ги ставаат нивните приватни адреси на социјалните мрежи, но и објавите на нивните деца, па и внуци. Се проверува и најмалиот сомнеж за неверство во бракот, се копа по нивното минато за да се открие скриена тајна. Се проверува секој запис, секој збор што кандидатот некогаш го изговорил или напишал. И самата Камала Харис ја поминала таа процедура за да стане потпретседателка.

Џим Хамилтон, адвокат на Демократската партија кој проценувал кандидат за потпретседател, рекол за Би-би-си дека по постапката белешките се уништуваат за да се обезбеди строга доверливост.

-Секој има нешто од минатото што не сака да се открие. Но би се изненадиле колку искрено одговараат во проверката, рекол Хамилтон.

Еван Беј, сенатор кој влегол во последниот круг за избор на потпретседател на Барак Обама заедно со Џозеф Бајден, се сеќава дека го проверувале речиси три месеци, поради што имал чувство дека му прават колоноскопија со телескоп. Тој додал дека го истражувале книговодител, адвокат, лекар, разговарале со неговата сопруга, со неговиот татко, а набргу телевизиски екипи кампувале пред неговата куќа. Беј се присетува на шокот што го доживеал едно утро додека појадувал кога водител на телевизија рекол „чинијата на сенаторот со снегулки со јогурт навистина изгледа вкусно“. Исто така, се сеќава дека шефот на тимот за проверки еднаш му се јавил и го прашал дали е вистина дека бил на психијатриска клиника, а тој одговорил дека не бил, но ако не побрзаат со проверките, тоа може и да се случи. Кога дошол во кабинетот на Обама му покажале куп хартии висок речиси еден метар и му рекле дека не нашле ништо проблематично. Тогаш за потпретседател го избрале Бајден – со фрлање паричка.

Критериумите за избор на потпретседател не биле толку строги отсекогаш. Почнале да се заоструваат кога по двеминутен телефонски разговор во 1972 година бил избран Томас Иглтон, за кого подоцна било откриено дека бил во болница на терапии со електрошокови поради клиничка депресија. Тој бил потпретседател само 18 дена.