Во просек по 60-ина лица дневно возат без дозвола

Сообраќајната култура не се менува, граѓаните бараат поголеми казни

66

Улиците како бојно поле, лани во сообраќајки загинале 142 луѓе. И покрај засилените полициски контроли, сообраќајната култура не се менува. Се вози брзо, се поминува на црвен семафор и се паркира кој кај ќе му текне. Министерот за внатрешни најавува дека ќе се одзема возилото на оние кои ќе бидат фатени без возачка дозвола. Камерите на „Безбеден град“ ќе се поставуваат низ цела Македонија

Полициските контроли, кои се засилија по смртта на 22-годишната Фросина Кулакова, на булеварот „Партизански одреди“, не ја променија сообраќајната култура. Откако почина девојчето, од силниот удар на автомобилот кој возачот го управувал без возачка дозвола, поминувајќи на црвен семафор, полицајците низ скопските улици регистрирале 5.400 прекршоци, податок кој нè уверува дека се променило нешто кај возачите. Пешаците се најгласни во коментарите за ниската сообраќајна култура.

„Нема никаква свест, поминуваат на пешачки премин, на црвено, зборуваат на телефон додека возат“, вели студент кој го користи булеварот „Партизански одреди“. „Јас сум мајка која поминува со дете двапати во денот, носејќи и земајќи го од градинка и секогаш кога треба да ја поминувам се грчам од страв да не помине некој на црвено со голема брзина“, вели родител за главната улица кај семафорот кај поранешната општина во Ѓорче Петров. И велосипедистите не се поштедени од непочитување на сообраќајните правила.

„Не се почитуваат во целост, луѓето немаат осет од која страна се вози со велосипед, често пцујат по нас, а секое качување на велосипед ни е ризично за живот“.

Фрапантни се податоците кои ги објави полицијата за прекршоците во сообраќајот за изминатата година. Дури 65 илјади случаи на возење со голема брзина, а 22 илјади биле затечени без возачка или тоа би значело дека дневно во просек по 60 лица биле фатени без дозвола. Но, она што е најзагрижувачко е податокот дека лани се избројани 142 жртви во сообраќајот, па градскиот асфалт потсетува на бојно поле.  Мислењето кај граѓаните за тоа дали сообраќајната свест ќе се зголеми е воедначено, само поголеми казни може нешто да смени. „Удри го по џеб или стави го во затвор па да видиш дали другпат ќе му текне да вози брзо“, велат граѓаните.

А менување на казнивоста најави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. Со законските измени кои се испровоцираа по последната сообраќајна жртва, ќе се разграничи кривичното од пркршочното дело сторено од безобѕирно управување со возило, па тешката форма ќе оди на суд.

-За оние што возат екстремно брзо, под дејство на алкохол и на дрога и оние кој ќе бидат затечени да управуваат без дозвола, трајно ќе им се одземе возилото и ќе се додели за потребите на граѓаните на пример на министерството за здравство или одбрана, кажа во четвртокот министерот Тошковски во ТВ интервју „Само вистина“.

Министерот спасот за сообраќајната некултура го гледа во долгонајавуваниот проект „Безбеден град“. Паралелно со полнење на базата на податоци преку регистрацијата на возилата, се работи на дигитално вмрежување на институциите, суд, полицијата, јавно обвинителство, па така со полициското досие на лицето ќе располагаат сите истражни органи. Системот со камерите кои се инсталираат ќе регистрира поминување на црвен семафор, брзо возење, непрописно паркирање и запирање и нерегистрирано возило. Казната за сопственикот ќе се испраќа преку СМС-порака во чија содржина ќе биде понуден линк преку кој ќе се има увид на записникот од прекршокот и фотографија. Возачот ќе може да плати половина од казната во рок од 8 дена. МВР го најавува стартот на проектот со камерите од следната година, ќе бидат поставени најпрво во Скопје, Тетово и Куманово, на автопатиштата и црните точки од експресните патишта, а потоа ќе се инсталираат и во внатрешноста. (П.А.)

 

ИЗДВОЕНИ