Поради проблеми во управувањето со отпадот, градоначалникот на Приштина Перпарим Рама денеска прогласи вонредна состојба во градот, пренесува Бета.
Тој на прес-конференција рече дека регионалното јавно претпријатие „Пастрими“, кое во моментов е единственото претпријатие кое се занимава со собирање отпад во Приштина, не се покажало како ефикасно во оваа задача.
„Ќе продолжиме со вонредната состојба што ја прогласивме, да ангажираме приватни компании да помогнат за правилно чистење на главниот град“, рече Рама.
И во текот на 2024 година општината прогласи вонредна состојба и привремено ангажираше дополнителни приватни фирми за собирање отпад во главниот град. Но, според него, подолгорочно решение спречиле опозициските советници во Општината со донесување на регулатива со која компанијата „Пастрими“ доби ексклузивно право да ја дава оваа услуга.
Исто така, во текот на 2024 година работници на компанијата „Пастрими“ се жалеле и протестирале пред Општината за ангажман на приватни фирми бидејќи, според нив, тоа претставувало ризик нивната фирма да оди во стечај.
Компанијата „Пастрими“ е локално јавно претпријатие со околу 900 вработени, кое обезбедува услуги за собирање отпад за неколку градови во Косово, вклучително и Приштина.