Од ЈУ Зоолошка градина Скопје ги демантираат обвинувањата на нивна адреса. Во писмено соопштение за јавноста, Зоолошката тврди дека во последните три години не умреле 40 животни, туку 25. – Во 2023 година се родиле 40, а умреле 10 животни, а во 2024 година се родиле 33 животни, а умреле 15. Вкупниот број родени животни за овие три години е 73, додека, пак, на умрени е 25. Повеќето од умрените животни се единки што биле во длабока старост. Со овој официјален број, сакаме да им ставиме крај на дезинформациите за над 40 умрени животни, кои се пласираат во јавноста – тврдат од Зоолошката градина Скопје. Оттаму сè уште не излегуваат со информација за причината за смртта на седумте берберски овци

 

Скопската Зоолошка градина е тема во јавноста во последниве неколку дена, по најновиот случај со седумте пцовисани берберски овци, но и по многуте скандали што се случија во изминативе три години. Оттаму ги демантираат наводите на советникот на Град Скопје од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Стефан Кирков, дека во последниве три години умреле 40 животни.

Тие денеска, преку соопштение до јавноста, информираа дека согласно со своите официјални евиденција и попис, во текот на 2023 година биле родени 40, а умреле 10 животни, додека лани биле родени 33 животни, а умреле 15.

–  Вкупниот број родени животни за овие три години е 73, додека, пак, на пцовисани е 25. Повеќето од умрените животни се единки што биле во длабока старост. Со овој официјален број, сакаме да им ставиме крај на дезинформациите за над 40 пцовисани животни, кои се пласираат во јавноста – се вели во соопштението од скопската Зоолошка градина.

Исто така, оттаму додаваат и дека постојат многу институции што се грижат за животните, но дека од ниту една од нив не се бара, ниту се очекува да дава извештај за секое умрено животно. Ги поканија сите советници да ја посетат Зоолошката градина и да се уверат дека сите вработени таму одлично си ја вршат работата.

– Јавно ги каниме советниците од Советот на Град Скопје, сите медиуми, институции, здруженија, други групи, директно или индиректно засегнати, и заинтересирани за работењето на нашата установа организирано и со најава да ја посетат Зоолошката градина Скопје и сами да се уверат во начинот на грижата за животните и нивната благосостојба и да се уверат во отчетноста на нашата установа преку евиденцијата и документацијата што ги водиме и ги поседуваме – велат од ЗОО Скопје.

Оттаму сè уште не излегуваат со информација за причината за пцовисувањето на седумте берберски овци. Советникот Кирков обвини дека умреле овците поради несоодветно хранење.

– Според информациите, храната не е дел од таблицата за храна што треба да ја јадат овие животни. Зоолошката во Скопје е веќе позната како куќа на стравот и досега никој не понесе одговорност за тоа – рече Кирков.

Како што тврди, скопската Зоолошка градина е куќа на стравот, а, исто така, упати обвинение и кон поранешниот директор, Зоран Попов, дека додека бил на таа функција, умреле повеќе од 40 животни.

Покрај овие обвинувања, Кирков открива и дека при вонредниот инспекциски надзор од инспекторите на АХВ, сосема случајно било пронајдено уште едно мртво животно. Се претпоставува дека имало обид да биде скриено тоа од инспекторите и од јавноста. Кирков потенцира дека јавноста мора да ја знае вистината.

– Скопјани заслужуваат да ја знаат вистината за секое едно животно што е дел од скопската Зоолошка градина. Како партија и како советничка група на ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Град Скопје, бараме директорот Попов веднаш да поднесе оставка. Ги повикуваме сите надлежни институции, меѓу кои МВР, Јавното обвинителство, АХВ, Ветеринарниот факултет, веднаш да влезат во оваа установа и да постапат според законот. Ниту Попов ниту Данела Арсовска не смеат да го уништуваат и она малку што остана од скопската Зоолошка градина. Никој не е над законот и нема право да си поигрува со животот на животните во скопската Зоолошка градина – дециден е Кирков.

И од градската организација на Либерално-демократската партија побараа одговорност за последното пцовисување животни во Зоолошката градина. Тие велат дека во изминативе години, во оваа институција се случиле низа немили настани како закланите коњи за храна на жителите во Градината, пцовисувањето на жирафите, на слоницата, царскиот орел, лавот Жика, на ретките и заштитени пржевалски коњи, а и дека имало епидемија на птичји грип, нагласувајќи дека умираат животните под непознати околности.

– Затоа бараме надлежните институции веднаш да постапат и да истражат како дошло до умирање на животните и, конечно, некој да понесе одговорност за своите дела – истакнаа од ЛДП.

(С. Би.)

ИЗДВОЕНИ