„Finance Think“ препорачува мерките за ограничување на цените на храната да се користат само во случаи на особено висока инфлација, а во сите други случаи да се заменат со структурни мерки или со мерки засновани на пазарните принципи, и тоа: доследна и непристрасна примена на Законот за нефер трговски практики, зајакнување на капацитетот и на алатките на Комисијата за заштита на конкуренцијата, ремонт на системот на земјоделски субвенции за поголемо домашно производство и целна буџетска поддршка на најранливите сегменти од населението.
Како што објавија од тимот на „Finance Think“, направената анализа укажува дека мерките за ограничување на цените на храната ја смируваат инфлацијата само привремено, бидејќи штом престане да важи мерката, цените повторно се зголемуваат. Инфлацијата, се наведува во соопштението, се враќа на динамиката од пред мерката, речиси во целост, но не е проценето натфрлување.
– Резултатите од анализата покажуваат дека мерките за ограничување на цените на храната извршиле благ агрегатен ефект и силен непосреден ефект. Просечната инфлација кај храната во периодите без примена на мерки изнесувала 0,5 %, месец за месец. Со мерките, во просек, инфлацијата кај храната била негативна најмногу до – 1 %, односно со мерките, цените на храната се намалувале. Оттука, оценетиот ефект е релативно голем. Меѓутоа, тој ефект се разводнува по првиот месец од примената на мерката (кога траела таа подолго од еден месец). Ова означува дека додека извршуваат мерките најсилен очекуван ефект на намалување на цените на храната во првиот месец, тој ефект брзо се намалува, веројатно, поради приспособувањето на пазарната динамика (на пример, кај цените на алтернативните производи што не се предмет на мерката) – појаснуваат од „Finance Think“.
Во соопштението, потсетуваат дека во периодот од 2021 до 2024 година, Македонија била соочена со значителен раст на инфлацијата, предизвикан од повеќе фактори. Нарушувањата во синџирите на снабдување и притисоците на одделни пазари (како оној на маслото за јадење) предизвикале ценовни притисоци уште во втората половина од 2021 година. Но, главниот удар врз цените, подвлекуваат, дошол по почетокот од руската инвазија врз Украина, кон крајот на февруари 2022 година, настан што предизвика тектонски геополитички и економски поместувања, што имаше силен одраз врз растот на цените на енергенсите и на основните суровини. Споредено со ценовното ниво од почетокот на 2021 година, на крајот од 2024 година општото ниво на цените во Македонија е повисоко за 35 %, додека нивото на цените на храната – за 46,8 %.
Како одговор на овој инфлациски притисок, се вели во соопштението, Владата вовела низа мерки за ублажување на негативните последици за потрошувачката и за животниот стандард на населението. Преземените мерки во периодот 2021-2024 година се однесуваа на замрзнување на цените на одредени основни производи и/или ограничување на трговските маржи, со цел да се спречи натамошно покачување на цените. Беа донесени вкупно девет основни одлуки до декември 2024, од кои три се однесуваа на ограничување на маржите, а другите на ограничување на цените. Дел од нив се однесуваа на одредени производи од групата храна, а дел покриваа поширока палета производи од храна.