Во примероцитe на популарното „Дубаи чоколадо“ увезено во Германија, пронајдени се многу штетни состојки, соопшти Министерството за потрошувачи на сојузната покраина Баден-Виртемберг.
„Од случаи на измама до штети по здравјето, во првите тестови на увезената чоколада од Дубаи е пронајдено речиси сè“, рече министерот за заштита на потрошувачите на Баден-Виртемберг Петер Хаук.
Сите осум тестови спроведени од страна на провинциската Канцеларија за хемиски и ветеринарни истражувања открија загадувачи, алергени, вештачки бои и масти, освен путерот од какао, единствената маст дозволена во чоколадото.
„Поради малиот број примероци, не можеме да зборуваме за тренд, но наодите се многу загрижувачки и не поттикнаа да спроведеме поопсежни истраги“, рече Хаук.
Чоколадото од Дубаи кое ги поминало тестовите е увезено од Обединетите Арапски Емирати и Турција. Во некои чоколади е пронајден сусам, иако не бил наведен на пакувањето, како и палминото масло, кое исто така не било декларирано како состојка во чоколадото.
Чоколадото од Обединетите Арапски Емирати, според анализата, е „контаминирано“ во текот на процесот на производство до тој степен што е непогодно за човечка исхрана.
Во сите чоколади е пронајдено зголемено количество на вештачки бои, што „сугерира поголем дел од квалитетни состојки од вистинските“, т.е. крем од ф’стаци.
Чоколадото од Дубаи во последните неколку месеци стана хит во Германија и еден од најпопуларните прехранбени производи на божиќните пазари.