Десетина европски, ЕУ и НАТО лидери пристигнаа во понеделникот во Елисејската палата на итен состанок за Украина и одбраната, додека американскиот претседател Доналд Трамп се подготвува директно да разговара со рускиот претседател Владимир Путин.
Средбата се одржува на иницијатива на францускиот претседател Емануел Макрон, кој имаше телефонски разговор со Трамп пред средбата во Париз, соопшти Елисејската палата.
Неколку лидери од клучните европски земји, вклучително и британскиот премиер Кир Стармер, германскиот канцелар Олаф Шолц и полскиот премиер Доналд Туск, му се придружија на Макрон во Елисејската палата попладнето на набрзина свикана средба. Учествуваат и лидерите на шпанската, италијанската, холандската и данската влада, на ЕУ и НАТО.
Засега не се знае дали по разговорот ќе споделат детали со новинарите.
Макрон ја организираше средбата за да започне консултации за ситуацијата во Украина и предизвиците што таа ги поставува за безбедноста во Европа.
Средбата беше договорена во краток рок на безбедносната конференција одржана во Минхен минатиот викенд, а по телефонскиот разговор меѓу Трамп и Путин.
Земјите од ЕУ и Украина се загрижени поради можноста САД и Русија да се обидат да постигнат билатерален мировен договор.
„Безбедноста на Европа е на пресвртница“, напиша претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, на Xф по пристигнувањето во главниот град на Франција, каде што е и генералниот секретар на НАТО, Марк Руте.
Непосредно пред почетокот на разговорите, Емануел Макрон телефонски разговараше со Трамп, кој сееше хаос во Европа разговарајќи со Владимир Путин минатата недела за да започне големи дипломатски потези поврзани со војната во Украина.
Особено што американската претставничка Кејт Келог, која во четврток ќе оди во Украина, јасно стави до знаење дека Вашингтон не ја сака Европа на преговарачка маса.
Кризниот состанок в понеделник ги отвора дипломатските активности кои ќе продолжат со американско-руските преговори закажани за вторник во Саудиска Арабија, каде што пристигна и американскиот државен секретар Марко Рубио.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски, исто така, ќе отпатува во Саудиска Арабија во среда, откако предупреди дека неговата земја „нема да признае“ каков било договор постигнат без Украина.
Премиерот Стармер рече дека ќе се сретне со Доналд Трамп во Вашингтон „следната недела“.
Кремљ го поздрави вонредниот самит за Украина во Париз
Русија го поздрави вонредниот самит за војната во Украина.
„Ќе биде добро ако разговорите меѓу европските лидери се за ставање крај на конфликтот, а не за негово продолжување“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, цитиран од руската новинска агенција Интерфакс.
Русија тврди дека војната, која започна пред речиси три години, се пролонгира поради испраќањето на западно оружје во Украина.
Песков го нарече „тешко“ прашањето за можното распоредување на европските мировни сили во Украина, за кое во моментов се разговара во Франција и Велика Британија, бидејќи во него ќе бидат вклучени вооружени сили од земјите-членки на НАТО.
Постојат правила за такво распоредување, нагласи портпаролот на рускиот претседател Владимир Путин.
„Но, засега нема конкретни разговори за тоа“, рече Песков.