Извештајот од платформата BestBrokers.com ги споредува цените на недвижностите и просечните плати во Европа, откривајќи дека Данска е најприфатливата земја за купување дом.
Според истражувањето на платформата BestBrokers.com, Данска е земјата во која најбрзо можете да си дозволите куќа во Европа. Тие ги анализираа цените на недвижностите, просечните нето-месечни примања, инфлацијата и „реалните“ каматни стапки на станбените кредити, кои го земаат предвид влијанието на инфлацијата, во 62 земји во светот.
Со оглед на тоа што цените и приходите значително се разликуваат од земја до земја, тимот на BestBrokers одлучи да го разгледа пазарот на недвижности преку бројот на плати потребни за купување куќа во различни европски земји – се наведува во извештајот.
Во анализата не се земени трошоците за храна, сместување, грижа за деца и други трошоци, но пресметката е теоретска. Резултатите покажуваат дека просечната цена на куќа од 100 квадратни метри во Данска е еквивалентна на 114 просечни плати, што ја прави најприфатлива земја во Европа за купување недвижен имот.
Најприфатлива земја во светот за купување куќа во однос на приходите е Јужна Африка, каде за куќа од 100 квадратни метри се потребни 71 просечна плата.
На второ место се САД, со 76 просечни плати, што е приближно шест години годишен приход.
Цените на недвижностите во САД, сепак, значително варираат од држава до држава. На самото дно на светската листа е Непал каде за купување куќа се потребни 684 просечни плати. Турција е веднаш зад, со 631 плата – што е еквивалент на повеќе од 52 години заработка.
Овој извештај покажува колку економските услови и трошоците за живот варираат низ светот, оставајќи многумина да се запрашаат: каде е нивното место под сонцето?