Во организација на граѓанското движење „Кој е следен“, денеска, се одржа третиот протестен марш на кој граѓаните бараа правда за 22-годишната Фросина Кулакова, младата модна дизајнерка од Неготино која животот го загуби откако беше прегазена на булеварот „Партизански одреди“ додека преминува на пешачки премин.
Протестот започна кај Универзалната сала, од каде граѓаните се упатија кон Владата, но и кон Собранието каде имаше триминутен молк и ѕвездено небо. Граѓаните на маршот скандираа „Сакаме правда“, „Безбедни улици“, „Правда за жртвите“, „Системски промени“ „Правда за Фросина“, „Секој еден може да е следен“…
Крајната точка на протестниот марш во организација на граѓанската иницијатива „Кој е следен?“ која произлезе од првиот протест за правда за Фросина беше пред Апелациониот суд во Скопје.
Таму, пред насобраните граѓани се обрати сестрата на Фросина, Росица Кулакова која рече дека ова не е политички, туку системски проблем, кој опстојува веќе 30-тина години наназд.
„Ова не е политички проблем, ова е системски проблем кој опстојува веќе 30-тина години наназад. Повикувам никој да не ја злоупотреби нашата семејна трагедија. Трагедијата на семејството на Теодора, на Викторија. Никој да не се обиде да направи такво нешто. Наместо да продолжиме да го делиме народот политички, сега е време сите да се обединиме и да делуваме заедно. Само така, можеме да го собориме криминалниот и корумпиран систем што нас не’ покосува. Овде сме да бараме правда за сите обесправени семејства. За Оливер, за Викторија, за Фросина Кулакова, за Фросина Цековска, тие веќе немаат глас, но ние сме нивниот глас. Правда мора да има, за да нема следен“, рече Кулакова.