Пристапот кон Единствената област за плаќањa во евра СЕПА би бил историски исчекор којшто ќе им овозможи на нашите банки, и покрај тоа што не сме членки на ЕУ, да пристапат на европските платежни системи. Ова треба да доведе до побрзи, посигурни и поевтини прекугранични плаќања. Во моментов, за плаќања од ЕУ кон земјите од Западен Балкан трошоците се повисоки за 12 пати во однос на трошоците за плаќање помеѓу земјите од ЕУ, изјави гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска на денешното отворање на работилницата „Техничките и правните аспекти за приклучување кон системот за плаќање во евра СЕПА“. – рече гувернерката.
На работилницата учествуваа претставници на Светската банка, Европската централна банка, Европскиот платежен совет, на Италијанската асоцијација на банки и на други финансиски институции.
Земјава побара да биде приклучена кон Единствената област за плаќањa во евра СЕПА во јули минатата година, а очекува наскоро тоа барање да биде прифатено од Европскиот совет за плаќања. За да се искористат овие можности, од голема важност е банките да се подготват оперативно.
-Иако придобивките од пристапувањето во СЕПА се јасни, мора да признаеме дека нѐ очекуваат и предизвици. Заедно со банкарскиот сектор посветено ќе работиме на обезбедувањето целосна подготвеност за интегрирање во СЕПА до октомври 2025 година, што е првиот можен датум за влез на банките од земјите од Западен Балкан коишто се членки на СЕПА. Народната банка, во соработка со меѓународните партнери, ќе работи и во иднина на поттикнување и олеснување на овој премин, обезбедувајќи техничка поддршка и регулаторен надзор за непречен и ефикасен процес на интеграција – рече Ангеловска-Бежоска,
Таа рече и дека за таа цел е формиран Управувачкиот комитет во рамките на Директоратот за соседство и преговори за проширување при Европската комисија.
Директорот на Канцеларијата на Светската банка во земјава Масимилиано Паолучи во обраќањето ја истакна поддршката на земјава на нејзиниот пат кон СЕПА и опсежните реформи за модернизација на плаќањата.
Би сакал да ја пофалам Народната банка за унапредувањето на основните правни и политички реформи во дигиталните плаќања и финансиската вклученост. Исто така, би сакал да ѝ оддадам признание на индустријата и нејзината значајна улога во успешното користење на оваа средина којашто е поволна за воведување иновации и овозможува поголема ефикасност за крајните корисници. Заедно, можеме да создадеме поинклузивен и поефикасен финансиски екосистем којшто ќе биде во корист на сите во земјата -рече Паолучи.