Туристичките работници велат дека во недостиг на домашна работна сила, во Охрид и годинава работници од Бангладеш, Непал, Индија… ќе ги служат гостите. Велат дека се очекува успешна летна туристичка сезона, поради големата празнична исполнетост на сместувачките капацитети.

– Цените се речиси исти како лани. Има мали корекции, но не е прескапо како што се зборува. Секако, и инфлацијата си го направи своето, а високите камати и високите цени на работната сила не дозволуваат да се оди со пониски цени од сегашните. Како и да е, Охрид сè уште важи за најевтина дестинација во регионот – изјави за весникот ВЕЧЕР Крсте Блажевски, претседател на ХОТАМ

 

Ако се познава денот по утрото, тогаш може да се каже дека Охрид го очекува успешна летна туристичка сезона. Туристичките работници се надеваат дека за првомајските празници исполнетоста на сместувачките капацитети ќе биде голема, а угостителите дека во кафеаните и во рестораните ќе се бара столче повеќе. Иако цените во туристичко-угостителскиот сектор бележат зголемување, хотелиерите со примамливи пакет аранжмани ги привлекуваат гостите. Охрид и понатаму е најевтина дестинација во регионот. Туристичките работници годинава не очекуваат голем одлив на работна сила, но во недостиг на домашна работна сила, во Охрид и годинава работници од Бангладеш, Непал, Индија… ќе ги служат гостите.

– По традиција, велигденските и првомајските празници се репер за успешноста на претстојната туристичка сезона. За велигденските празници, освен домашни гости, имаше и гости од Грција, Србија, Турција… како и Германците, кои веќе подолг период се на кружни тури во Охрид. За велигденските празници, исполнетоста на приватните сместувачки капацитети беше голема, а хотелите беа повеќе од 50 отсто исполнети. За првомајските празници, исто така, очекуваме голем број гости и првите оценки за претстојната сезона се позитивни – изјави за весникот ВЕЧЕР Крсте Блажевски, претседател на Асоцијацијата на хотелиери – ХОТАМ.

Освен туристите, тој вели дека во мај има многу семинари и обуки и се очекува хотелите да бидат исполнети до септември.

– Цените се речиси исти како лани. Има мали корекции, но не е прескапо како што се зборува. Секако, и инфлацијата си го направи своето, а високите камати и високите цени на работната сила не дозволуваат да се оди со пониски цени од сегашните. Како и да е, Охрид сè уште важи за најевтина дестинација во регионот – вели Блажевски.

Според Блажевски, годинава се очекува миграцијата на работна сила да биде помала и да има доволно кадар во текот на летната туристичка сезона.

– Миграцијата на работна сила е малку помала во однос на лани, а имаме и подобро искуство со вработените од странство. Лани, странски работници што дојдоа да работат, си отидоа. Сега агенциите за вработување прават договори за вработување во кои се наведени сите услови како плата, сместување, време на работа… Странските работници земаат исти плати како домашните, односно од минимална плата, па нагоре, плус сместување и еден оброк, а ако работат повеќе од осум часа, добиваат два оброка – вели претседателот на ХОТАМ.

 (А. С.)

 

ИЗДВОЕНИ