Во ноември 2024 година, согласно со податоците на националниот оператор на пазарот на електрична енергија – МЕМО, за задоволување на вкупната потрошувачка во земјава, реализирани се трансакции на учесниците на пазарот на електрична енергија, односно бруто-конзум од 658 GWh.
– За задоволување на севкупната потрошувачка на електрична енергија во државата, без загубите, поточно нето-конзумот, продадена е електрична енергија од 536 GWh, и тоа 61 % на тарифни потрошувачи снабдувани преку универзалниот снабдувач, 32 % на снабдувани потрошувачи и 6 % на потрошувачи регистрирани на пазарот на електрична енергија на големо – информираат од МЕМО.
На пазарот на електрична енергија, реализирани се трансакции од сопствено производство во висина од 542 GWh, од кои ЕСМ со 297 GWh, поточно со 55 %, учествуваат со најголем процент, потоа следуваат независните производители со 178 GWh или 33 %, виртуелните производители со 43 GWh, односно 8 % и повластените производители, кои користат повластена тарифа на електрична енергија со 24 GWh, односно 4 %.
Од сопственото производство, 75 % е продадено за задоволување на бруто-конзумот, односно 406 GWh, а 25 %, односно 136 GWh се деклариран извоз. Бруто-транзитот на електрична енергија изнесува 434 GWh, каде што нето-транзитот е 404 GWh, а контратрејдингот – 30 GWh.