„Кочо Рацин е бард на македонската поезија затоа што најинтимно ја допрел душата на народот, ја искажал болката на работниот народ и ја поттикнал неговата надеж и верба во поубава и поправедна иднина“, кажа претседателот на МАНУ, академик Живко Попов, на денешната промоција на тритомното издание „Кочо Рацин“. Едицијата се состои од „Поезија“ (прв том приреден од проф. д-р Венко Андоновски), „Проза и публицистика“(втор том приреден од проф. д-р Искра Тасевска Хаџи-Бошкова); и „Животопис на Рацин“ (трет том чиј приредувач е проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска).
Академик Попов истакна дека Рацин ги постави темелите на современата македонска книжевност, но и дека е еден од најчитаните и најпопуларни македонски поети.
„Новата едиција, посочи, се појавува по 38 години од последната истражувачка публикација за него, објавена во 1987 година, а се надоврзување на свечениот собир што МАНУ го организирала на 22 декември 2008, за 100 години од раѓањето на Рацин.
Попов посочи дека трите тома имаат карактеристики на критичко издание, но и дека целосно критичко издание допрва треба да се изработи за што, е нпотребна дополнителна истражувачка работа по архивите во неколку центри во соседството.
„Со оваа едиција е направен голем исчекор во доближувањето на богатиот и разновиден книжевен опус на Рацин до македонската научна, културна и образовна јавност. Ова е единствено издание кое ја претставува интегрално поезијата на Рацин од нејзините почетоци до крајот, потоа првпат ја претставува севкупната засега достапна проза и публицистика на Рацин во оригиналните верзии во превод и во адаптација на современиот стандард на македонскиот јазик и на крај, во третиот том, прави ново хронолошко и наративно исчитување на животот на Рацин“, истакна Попов.
Академик Катица Ќулавкова, пак, која е и главниот редактор на изданието, кажа дека трите тома на едицијата „Кочо Рацин“ се досега најблиску до она што се сфаќа како критичко издание и читање на неговото книжевно дело од пристојна историска дистанца, дополнето со преводите и јазичното осовременување на неговите прозни и публицистички текстови.
„Поезијата на Рацин напишана пред речиси еден век и денес се чита како да е жив отслик на стварноста“ додаде Ќулавкова, посочувајќи дека затоа треба да биде сочуван во колективната меморија на Македонците, но и пошироко на јужнословенските и европските слободољубиви и правдољубиви народи.
„Рацин бил страстен човек, но и надарен поет, бескомпромисен борец за правда и бранител на угнетените, рафиниран мислител и пасиониран истражувач на идеолошките матрици… хуманист и футурист, македонист и интернационалист … Не може да се чита поезијата на Рацин, а да се негува ропски менталитет, не може да се чита Рацин, а да се остане рамнодушен и малодушен…, истакна Ќулавкова.
Коста Солев Рацин (Велес, 22 декември 1908 – 13 јуни 1943, на Лопушник, Кичевско) е основоположник на македонската современа поезија, проза и публицистика и истакнат политички активист, борец за социјална правда и слобода на македонските и југословенските простори.
Во освртот за творечката дејност на Рацин, академик Попов рече дека првата негова стихозбирка, „Антологија на болката“, е напишана на некогашниот српско-хрватски, во 1928-1929 година, а на македонски јазик преведена од Гане Тодоровски и објавена постхумно во неговите „Избрани дела“ во 1987.
Збирката „Бели мугри“,пак, Рацин ја напишал на македонски јазик и ја објавил во 1939 во Самобор, Хрватска во 4000 примероци.