Според најавите на премиерот Христијан Мицкоски, изградбата на когенеративни централи што работат на природен гас е транзициско решение за намалување на аерозагадувањето. Од „Зелен хуман град“ посочуваат дека гасот не е транзициско решение, затоа што сметаат дека тој е дел од проблемот. 

Во голем број држави, забрането е да се инсталира систем за греење на гас во новите згради, а во преостанатите држави е даден рок забраната да почне најдоцна до 2030 година. – Тоа значи дека до 2030 година ние ќе имаме потрошено милиони на инфраструктура за гасификација и уште нема да ја имаме завршено, а веќе ќе мора да воведеме забрана за инсталирање систем за греење на гас во новите згради, велат од „Зелен хуман град“

Високите концентрации на загадувачки честички во воздухот ја прават Македонија една од најзагадените земји во светот, а Скопје речиси секогаш е на топ неславните листи за нездрав воздух. За решавање на оваа еколошка криза, државата понуди краткорочни решенија, а, според најавите на премиерот Христијан Мицкоски, изградбата на когенеративни централи што работат на природен гас е транзициско решение.

Но, со оглед на фактот што неопходната инфраструктура за масовно користење на гасот од страна на индустријата и на домаќинствата не е развиена, односно од почетокот на изградбата на националниот гасовод во 2015 година помина една деценија, а сè уште не е поврзан со дистрибутивната мрежа, тешко дека ќе имаме брзо решение за почист воздух. 

Од „Зелен хуман град“ посочуваат дека гасот не е транзициско решение, затоа што сметаат дека тој е дел од проблемот.

– Природниот гас е фосилно гориво и го има во ограничена количина, а тоа е една од многуте причини за тоа што западните земји го исфрлаат од употреба. Тој создава зависност од други земји за испорака и создава долг. Најдобар пример за тоа е што развиена земја како што е Германија во моментов е во финансиска криза поради војната во Украина, бидејќи главен снабдувач на гас ѝ била Русија. Далеку поголеми последици би имала мала земја како Македонија ако за работата на индустријата и за производството на електрична енергија, главно, би го користела гасот како енергенс и од некоја причина би се прекинало неговото снабдување со оглед на тоа што на Балканот сме најзависната земја за увоз на електрична енергија – потенцираат од „Зелен хуман град“.

Професор д-р Ристо Цицонков, во својата последна колумна, нуди прецизно согледување на заблудата кај многумина во Македонија во однос на природниот гас.

– Во земјава постои погрешна перцепција дека природниот гас е еколошко гориво. Тоа спаѓа во групата фосилни горива (јаглен, нафта и гас), така што при нивно согорување се ослободува јаглерод диоксид (ЦО2), кој е главен причинител на глобалното затоплување, т.е. климатските промени. Покрај направените големи грешки во минатото, а особено во последниве неколку години, се најавуваат зафати што нема да бидат соодветни на потребите и на условите во РМ, но и во меѓународни рамки – вели Цицонков.

Природниот гас е последното упориште на нафтената индустрија. Инвестициите во фосилни горива значат неодговорно заробување јавни пари во застарена технологија уште четири-пет децении, а, како што вели Цицонков, „сите политички субјекти кај нас се едногласни во определбата РМ да влезе во Европската Унија. Па ако е така, погледнете што се прави во ЕУ за греење на просториите. Во голем број држави, забрането е да се инсталира систем за греење на гас во новите згради, а во преостанатите држави е даден рок забраната да почне најдоцна до 2030 година“.

Тоа значи дека до 2030 година, ние ќе имаме потрошено милиони на инфраструктура за гасификација и уште нема да ја имаме завршено, а ќе мора да воведеме забрана за инсталирање систем за греење на гас во новите згради.

– Постојано има вести од развиените земји во светот, каде што експлодираат цели згради или куќи и гинат луѓе поради протекувањето гас. Причините зошто се случува тоа се различни, почнувајќи од неисправна инсталација, невнимание при градежни активности неповрзани со гасоводната мрежа, па сѐ до убиства со умисла. И ова се случува во земјите што имаат стандарди и каде што се почитуваат законите. Можете да замислите што би се случувало во земја како нашата, каде што нема никаква професионалност во работата, ниту квалитет – прашуваат од „Зелен хуман град“.

Сметаат дека друг проблем со природниот гас е што им е неисплатлив на граѓаните за да го користат за загревање на своите живеалишта.

– Пример за тоа е Струмица, каде што речиси една половина од градот е покриена со дистрибутивна гасоводна мрежа повеќе од 10 години, а многу е мал интересот за приклучување на домаќинствата и покрај даваните субвенции. Дури и од државните институции, на гас се грее само болницата, а другите се на мазут, нафта или на струја – потенцираат од „Зелен хуман град“.

Според нив, гасификацијата, исто така, е дефокусирање од вистинските решенија на проблемот – производство на електрична енергија од чисти извори со редуцирање на биоотпадот.

– И локалната и централната власт мора да направат одлучни чекори во правилна насока, без попатно да прават непристојни компромиси. Најважно од целиот процес на зелена транзиција е да се постават на покривите на сите објекти што се во сопственост на државата или на локалната самоуправа фотоволтаични системи за производство на електрична енергија и да се заменат старите системи на греење со мазут, екстра лесно гориво, јаглен и сл. што ги загадуваат сите медиуми на животната средина во огромни размери – нагласуваат од ЗХГ.

Здружението за заштита на животните и на животната средина Е.Д.Е.Н. изработи јавно достапна анализа за премин кон фотоволтаични системи на јавните институции, за која, колку што е познато, властите до денес не покажале интерес.

– Мора веднаш да се започне со подобрување на електроенергетската мрежа и со процедура за измена на Законот за енергетика и на подзаконските акти, со цел олеснување на процедурата на поставување фотоволтаици на покривите на домовите, зградите и малите бизниси, како и задолжително отстранување на лимитот од 6 КW моќност. Никако да не се дозволува поставување фотоволтаици на плодно земјиште, за што сме сведоци дека се случува во голема мера – истакнуваат од ЗХГ.

Во Македонија, сметаат од ЗХФ, најдобро е да се направат големи системи за гравитациско складирање енергија, кои ќе бидат во државна сопственост во РЕК „Битола“ и кај другите термоелектрани што ќе го менуваат производството на електрична енергија од јаглен или фосилни горива на фотоволтаици.

– Доколку би се комбинирале фотоволтаичните системи со системите за биокомпостирање, би можело да се создаде интегриран систем за производство на навистина чиста енергија. На изјавите дека македонската мрежа не би можела да издржи толку фотоволтаични системи, би одговориле дека уште како е можно со внимателно планирање засновано на факти, што е клучно без оглед за која сфера разговараме – велат од „Зелен хман град“.

За производство на струја можат да се искористи метанот од биокомпостарите и од пречистителните станици.

– Од вкупниот отпад, најголемиот процент во Македонија отпаѓа на биоотпадот – од 60 до 80 %. Затоа мора да се направат компостари за биоотпад од затворен тип во секое маало, кои ќе бидат достапни за секое домаќинство и на тој начин ќе се елиминираат трошоците за превоз и за депонирање, а и ќе се елиминира загадувањето на почвата, водите и на воздухот. Неопходно е да се одвива селекцијата на највисоко можно ниво за да се елиминира најголемиот процент од отпадот. Исто така, може да се произведува метан од биокомпостарите (и од пречистителните станици), кој би се искористил како енергенс за производство на струја – предлагаат од ЗХГ.

(С.Бл.)

ИЗДВОЕНИ