Во новиот Предлог-закон за енергетика ќе биде регулирано кој сè кај ранливите категории на граѓани ќе може да добива државни субвенции за плаќање на сметките за електрична енергија. Во моментов има над 50.000 ранливи потрошувачи кои ја добиваат оваа парична помош, но оваа бројка, според министерката за енергетика Сања Божиновска, е поголема и мора да се провери со методологија на која се работи во моментов. Таа од неофицијални извори добила информација дека повеќето од нив се во четвртиот блок на потрошувачи на електрична енергија, во кој влегуваат фирмите.
Законот ќе го обврзи операторот на електродистрибутивната мрежа – ЕВН, да ги смени броилата во рок од 7 години и тие да можат да бидат со далечинско отчитување, но на чиј трошок ќе биде направено тоа, според неа, одлука ќе донесе Владата. – Во рок од 7 години ЕВН мора да ги смени броилата за 80 проценти од потрошувачите, а во законот е предвидено владата да одлучи на чиј трошок ќе биде. Уште не сме дискутирале за тоа, но верувам дека Владата ќе направи сè да биде во интерес на граѓаните, односно да немаат никакви дополнителни трошоци, истакна Божиновска
Во моментов има над 50.000 ранливи потрошувачи на електрична енергија во земјава на кои државата им плаќа субвенција на сметките. Оваа можност ќе биде регулирана во новиот Предлог-закон за енергетика и ќе овозможи домаќинствата што не можат да си ги платат сметките за струја да добијат поддршка – пониски цени преку универзален снабдувач или други снабдувачи.
Ова го истакна министерката за енергетика Сања Божиновска на брифингот со новинарите и најави дека работна група веќе два месеца работи на новата методологија за енергетска сиромаштија преку која ќе се утврдуваат кои се вистинските ранливи потрошувачи со оглед на тоа, како што потенцира, бројката е поголема и треба да се провери, но и дека од неофицијални извори добила информација дека повеќето од нив се во четвртиот блок на потрошувачи, во кој влегуваат фирмите.
– Откако законот ќе стапи на сила и ќе биде и методологијата. Не сакам да шпекулирам со бројки. Сакаме да ја знаме точната бројка. Ќе има и неколку модели што не сме ги финализирале, но секако државата ќе им помогне на сите овие семејства. Од неофицијални извори имам информација дека има многу од нив кои се во четвртиот блок, но сето ова ќе го провериме и ќе имаме точни и прецизни бројки – рече Божиновска.
Освен пониски цени преку универзален снабдувач или други снабдувачи, новиот закон предвидува ранливите потрошувачи да имаат и финансиска помош, на пример, субвенции за греење или енергетски ефикасни уреди и нефинансиска помош, како забрана за исклучување од мрежа. Ова, според министерката, се прави за никој не остане без струја во зима поради финансиски проблеми.
Во законот се предвидени и воведување на паметни мерни системи за точно мерење на потрошувачката. Божиновска вели дека ќе се отстрани можноста броилата да не се читаат, што досега создаваше конфузија кај граѓаните. Законот ќе го обврзи операторот на електродистрибутивната мрежа – ЕВН да ги смени броилата во рок од 7 години и тие да можат да бидат со далечинско отчитување, но на чиј трошок ќе биде направено тоа, според неа, одлука ќе донесе Владата.
– Во рок од 7 години ЕВН мора да ги смени броилата за 80 проценти од потрошувачите, а во законот е предвидено владата да одлучи на чиј трошок ќе биде. Уште не сме дискутирале за тоа, но верувам дека Владата ќе направи сè да биде во интерес на граѓаните, односно да немаат никакви дополнителни трошоци – истакна Божиновска.
Законот дава можност секој потрошувач да може да го смени снабдувачот за само 48 часа, без трошоци за домаќинствата и малите потрошувачи.
– Ова значи поголема слобода – ако не сте задоволни од вашиот снабдувач, можете брзо да изберете друг, без бирократија – децидна е Божиновска.
За граѓаните е интересно што ќе се формираат енергетски заедници каде што тие ќе можат да ставаат соларни панели на покривите на своите објекти и да се грижат за своите сметки.
– На пример, неколку соседи можат да постават соларни панели, да произведуваат струја за себе и да го продаваат вишокот. Ова ги прави граѓаните активни учесници во енергетскиот пазар, а не само пасивни потрошувачи. Идејата е да имате контрола врз вашата енергија и да заштедите – потенцира Божиновска.
Законот ќе овозможи и регулација на батериските системи за складирање на вишоците на електрична енергија, нешто што досега не беше возможно затоа што не постоеја прописи за тоа. Производството во пиковите од страна на големиот број на фотоцентрали што се градат и што веќе се изградија во изминатиот период, одреден дел од денот ќе може да се складираат во батерии.
– Со овој закон е пропишано задолжително обновување на мрежата на МЕПСО во наредните години, бидејќи сега таа е застарена, а исто така ќе се знае кои од потенцијалните инвеститори во обновливи извори на енергија ќе може да побара приклучок. Тоа ќе се прави плански од година за година, а не како сега. Има прелиминарни барања за приклучоци за инвестиција од вкупно 10.000 мегавати, ама голем дел од тие инвеститори немаат купено уште ниту земјиште и им го држи редот на тие што се сериозни во намерите – нагласи Божиновска.
За подобро управување со енергетските мрежи, законот ќе овозможи воведување десетгодишен план за развој на електропреносниот систем и јасни правила за операторите на мрежите. Министерството станува сопственик на операторот на електропреносниот систем, што ни дава поголема контрола врз стратешките одлуки. Исто така, се осигуруваме дека мрежите се подготвени за повеќе обновливи извори и за зголемена потрошувачка, како од електрични возила – нагласи Божиновска.
Законот е пред Собранието, помина без забелешки од собраниските комисии и сега е отворен за амандмани во второто читање.
– Целта ни е да создадеме закон што ќе трае, што ќе даде правна сигурност и нема да бара чести измени. Имплементацијата бара соработка на сите институции – ќе треба да ги зајакнеме капацитетите на РКЕ, операторите на мрежите и министерството. Ќе воведеме нови процедури, платформи за известување, обуки за кадар и ќе соработуваме со регионални и европски партнери. Исто така, ќе работиме со приватниот сектор и граѓанските организации. Овој закон е за иднината на Македонија. Тој ќе го стимулира економскиот раст, ќе го забрза технолошкиот напредок, ќе ја заштити животната средина и ќе нè приближи до европските и глобалните климатски цели за 2050 година. Целта е Македонија со соларни панели на покривите, електрични возила на патиштата и стабилни сметки за струја – тоа е она што го градиме со овој закон. Сакаме да бидеме лидер во регионот во чиста енергија, и ова е голем чекор во таа насока – нагласи министерката Божиновска.
МЕПСО не смее да се продава – ќе премине во МЕРМС
Министерката за енергетика, Сања Божиновска, истакна дека со новиот Закон за енергетика, операторот на системот за пренос на електрична енергија МЕПСО не смее да се продава и ќе премине во Министерството за енергетика.
Акционерското друштво во државна сопственост ќе му припадне на Министерството за енергетика и во предлог-законот има посебни одредби кои нема да дозволат да биде продаден операторот на заинтересирано приватно лице. Пред две години беше лиферувана информација дека грчкиот електропреносен систем сака да купи дел од МЕПСО, но тогашната власт ја демантираше гласината.
(С.Бл.)