Скопје утрово се најде меѓу првите пет најзагадени града во светот. Според листата на IQAir, воздухот во македонската метропола беше оценет како опасен за дишење, со индекс на загаденост 167. Концентрацијата на ПМ2,5 во главниот град во еден момент беше речиси 15,6 пати поголема од годишната вредност на упатството за квалитетот на воздухот на Светската здравствена организација (СЗО). Европската Унија донесе нова Директива за квалитетот на амбиентниот воздух и во неа ги менува граничните вредности за загадувачките супстанции во воздухот и доаѓа некаде на половина пат до вредностите зададени од СЗО
Скопје утрово се најде меѓу првите пет најзагадени града во светот. Според листата на
IQAir, воздухот во македонската метропола беше оценет како опасен за дишење, со индекс на загаденост 167. Во регионов, главниот град на Босна и Херцеговина, Сараево, со индекс 212 беше најзагаден град во светот.
Како главен загадувач на воздухот во Скопје се наведени ПМ 2,5 честичките, чија концентрација е 78 микрограми на кубен метар, додека ПМ 10 честичките се со концентрација од 84 микрограми на кубен метар.
Концентрацијата на ПМ2,5 во главниот град во еден момент беше речиси 15,6 пати поголема од годишната вредност на упатството за квалитетот на воздухот на Светската здравствена организација (СЗО).
Европската Унија донесе нова Директива за квалитетот на амбиентниот воздух и во неа ги менува граничните вредности за загадувачките супстанции во воздухот и доаѓа некаде на половина пат до вредностите зададени од СЗО.
Така, граничната вредност на ПМ 2,5 честичките е намалена на 10, а на ПМ10 честичките на 20 микрограми на кубен метар. За споредба, СЗО пропишува гранична вредност на ПМ 2,5 на 5 микрограми на кубен метар, а на ПМ 10 на 15 микрограми на кубен метар. Во Македонија, пак, граничните вредности на овие честички се
далеку повисоки и за ПМ 2,5 изнесуваат 25, а за ПМ 10 сe 50 микрограми на кубен метар.
Според Директивата, до 11 декември 2026 година, земјите на ЕУ треба да ги достигнат досегашните зададени вредности, а новите стандарди треба да се достигнат до 1 јануари 2030 година.
Од „02 Иницијатива“ коментираат дека новата Директива за квалитетот на амбиентниот воздух бара воведување компензација поради штетните
последици на аерозагадувањето врз здравствената состојба на граѓаните, во случај да
не се спроведат одредбите во дадените рокови. Воедно, се бара државата да не го направи процесот невозможен или претерано тежок. Се бара и воведување казни, кои ќе бидат ефикасни, пропорционални и одвраќачки, за неспроведување на законските одредби и на роковите.
– Ние, скоро сме на почеток на 2025 година и сме далеку од сегашните зададени вредности, а како ли ќе ги достигнеме новите со ова темпо на (не)решавање на аерозагадувањето? Секоја влада зборува дека треба време да се реши овој проблем, но ние никако да посведочиме за негово решавање. Нема континуитет и редовно вложување во точни мерки, кои ќе го намалат аерозагадувањето во најбрз можен рок. Ниту има точни мерки од претходните влади ниту од оваа Влада, ниту, пак, има соодветни вложувања. А, се работи за нашето здравје и за правото на живот – велат од „02 Иницијатива“.
Не е само Скопје тоа што урива рекорди според аерозагадувањето, туку најпогодени градови се и Кичево, Битола, Тетово, Куманово, Струмица… Главни извори на загадувањето остануваат зимското затоплување, индустриските активности
и интензивниот сообраќај.
Како последица на зголемените концентрации на штетни ПМ 2,5 и ПМ 10 честички, сè почести се респираторните болести како кашлица, кивање, течење нос… Докторите што ги лекуваат луѓето од последиците на загадениот воздух потенцираат дека во изминатиов период не се преземени доволно ефикасни мерки што ќе го намалат аерозагадувањето, кое е опасност за здравјето со децении.
– Надлежните не презедоа доволно ефикасни мерки за да се ублажи оваа состојба. Ветувањата за чист планински воздух и за решавање на проблемот со загадувањето останаа празно ветување и направија некои наши урбани центри да се шампиони во загаденоста и во неподносливоста на урбаното живеење – вели професорот Андон Чибишев од Клиниката за токсикологија.
Во предлог-буџетот за наредната година, кој е во собраниска расправа, се планирани рекордно најмногу пари за животната средина, но тие средства ни оддалеку нема да може да ги решат горливите еколошки проблеми. Станува збор за сума од 103,4 милиони евра, што е 1,36 % од вкупно планираните буџетски средства. Анализата на „02 Иницијатива“ покажува дека најголем дел од средствата одат за комунална инфраструктура, изградба на водоводни и на фекални канализации, нешто што треба да го реализираат општините.
Оттаму потенцираат дека не се планирани пари за решавање на многу еколошки проблеми. Така, за намалување на аерозагадувањето, од кое во Македонија годишно има над 3.800 смртни случаи, што е 17,7% од вкупната смртност во државата и секој деветти смртен случај кај новороденчињата е поврзан со загадениот воздух, во буџетот за 2025 година нема пари за оваа намена. Исто така, нема средства за намалување на загадувањето од начинот на греење на јавните установи, домаќинствата, сообраќајот…
И партиите во своите реакции наведуваат дека намалувањето на парите за чист воздух е удар врз здравјето на народот.
– Во време кога Скопје, но и други наши градови повторно се меѓу најзагадените во светот, оваа одлука е негрижа и игнорирање на основните потреби на граѓаните, ова е удар врз здравјето на народот. Воздухот е означен како „нездрав“, што може да предизвика сериозна закана за здравјето на граѓаните. Во вакви услови, крајно штетна за здравјето на народот е одлуката власта да ги намали парите во буџетот за 2025 година, за чист воздух, за 51 %, а за животна средина да ги скрати за 25 %. Има помалку пари и за енергетиката, парите за гасификација се преполовени, а власта во Собранието досега не прифати ниту еден амандман на СДСМ за обезбедување повеќе средства. Граѓаните се оставени да се гушат, власта на Мицкоски покажува дека нема намера да преземе нешто против загадувањето – реагираат од СДСМ.
Владата минатата недела усвои Акциски план со краткорочни мерки за намалување на емисиите на супстанциите во воздухот при алармантно загадување на воздухот. Наведените мерки ќе се применуваат во случаи на надминување на праговите на алармирање дефинирани во Уредбата за граничните вредности за нивоата и
видовите на загадувачки супстанции во амбиентниот воздух и праговите на алармирање.
(С.Бл.)