Педесет и пет ветерници, што ќе почнат да се градат во трите општини Карбинци, Штип и Радовиш, во втората половина на 2025 година, ќе произведуваат еден терават/час електрична енергија или нешто над 20 отсто од вкупно произведената струја што ќе биде доволна за задоволување на потребите на 100 илјади домаќинства.

Ветерниот парк е странска инвестиција од 500 милиони долари на „Алказар енерџи“, водечкиот инвеститор во обновливи извори на енергија во пазари во развој и се очекува само при изградбата да отвори 630 работни мести и уште нови 200 вработувања ќе има за одржување на системот кога ќе профункционира некаде по 2 години од изградбата со што македонскиот капацитет ќе се зголеми за петпати кога ветерниците ќе бидат целосно оперативни.  

Ова беше истакнато на презентацијата на ветерниот парк со капацитет до 400 МW и беше посочено дека тој ќе претставува најголема инвестиција во регионот од областа на обновливите извори на енергија. Пред презентацијата, претставници од „Алказар енерџи“ во Влада ги договорија условите под кои ќе влезат со овој проект во нашата земја.

– Ваквиот почеток на мандатот со ваква инвестиција покажува дека како Влада сме насочени кон проекти што се во интерес на граѓаните. Овој проект е значаен од многу аспекти – целта е Македонија од увозник, да стане извозник на струја. Ветерниот парк ќе произведува струја повеќе од ТЕ-ТО. Не верувам во чуда кои не се можни, но проектот е изводлив. Ваков тип на инвестиции покажуваат дека довербата во оваа Влада уште на самиот почеток е голема и дека како опозиција работевме и сега како Влада само ќе продолжиме да работиме со зајакнато темпо – истакна премиерот на македонската Влада, Христијан Мицкоски.

Премиерот очекува земјава да стане енергетски независна во делот на електричната енергија, па, според него, тоа може да се реализира со детален план и од земја увозник на струја, да станеме земја извозник на струја.

– Планот го имаме, луѓето ги имаме. Имаме тим за кој тврдам дека е најдобар во регионот. Останува да ја завршиме домашната задача што самите ја поставивме. Велат дека секој човек сонува за големи работи, а дека малку кој своите соништа ги креира во вистински проекти, Јас сум од оние луѓе кои сакаат да видат конкретни дела, а не се потпира само на даден збор. Така функционирам, а така ќе функционира и оваа Влада – рече Мицкоски.

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, рече дека станува збор за многу значајна инвестиција која ќе носи нови инвестиции во земјата, оценувајќи дека станува збор за зелена енергија, нешто кон што се стреми развиениот свет. Во таа насока најави и програма за грантови и поволни кредити за 150 илјади домаќинства, во еден мандат, за сопствениците на приватните куќи и станови.

– Поддршката ќе се однесува на поставување нови енергетски ефикасни фасади, прозорци и врати, исто така и субвенции за граѓаните до 50 проценти од цената за набавка и инсталација на енергетска ефикасна опрема. Домаќинствата ќе имаат можност да го продаваат вишокот од произведената електрична енергија по подобри услови со промена на постојната регулатива. Предвидуваме и промени на начинот на пресметка за исплата на продадената вишок произведена енергија – рече Божиновска.

За Даниел Калдерон, коосновач и генерален директор на „Алказар енерџи“, нивната инвестиција ќе ѝ овозможи на Македонија да ја добие толку потребната чиста и пристапна електрична енергија и ќе отвори нови работни места.

– Нашата компанија гледа во Северна Македонија потенцијал со одлична локација за инвестиција, а со тоа се дава значење на капацитетите за создавање енергија од обновливи извори. Ние со нетрпение очекуваме одлична соработката со Владата и со локалните заедници во процесот на изградба на најголемиот парк на ветерници во земјата и со тоа силно ќе се зајакне капацитетот на државата со производство на струја од ветерници. И додека градиме одржлива инфраструктура каде што е најпотребна – на пазарите во развој, паралелно генерираме приходи за инвеститорите. Нашиот успех во изградбата на вакви проекти за обновливи извори и нашата посветеност на принципите на ЕСГ практиките, е обележје за нашиот капацитет и посветеност во овие клучни региони – рече Калдерон.

Прашан кои услови им биле понудени од страна на македонската влада и што „Алказар Енерџи“ побарал за реализација на инвестицијата, Калдерон рече дека условите се исполнети.

– Утрово ја имав честа да се состанам со премиерот, со кој имавме разговор за тоа кои се условите за да се спроведе на еден транспарентен начин, условите се исполнети. Беа анализирани условите, дел зависат од Владата. Сите правни процеси беа спроведувани во меѓувреме, затоа што има многу чекори што треба да се поминат од типот на анализа на меѓусебната поврзаност, ангажираноста на земјиштето, добивањето на правата за интерконекции и така натаму. Дел од овие чекори зависат од Владата, дел не. Бидејќи мора да направиме анализа за животната средина, за социјалните аспекти и другите работи, кои што треба да се анализираат за сето тоа да биде подготвено и да може да се реализира – рече Калдерон.

Ветерниот парк ќе биде позициониран 75 километри југоисточно од Скопје и ќе игра важна улога во унапредувањето на Just Transition Investment Platform на Македонија во рамките на COP28 и значително ќе ја намали емисијата на стакленички гасови на државата за 670.000 тони годишно. Со повеќе од 50 ветерници, проектот ќе заштеди 1,1 милиони кубни метри вода годишно.

Поради добрите мрежни конекции на Македонија со Грција, Бугарија, Србија и Косово, овој проект ќе придонесе за намалување на кусоците на електрична енергија и ќе се поддржи транзицијата кон обновлива енергија во Западен Балкан и Југоисточна Европа.

(С.Бл.) – Фото: Ѕвонко Плавевски