Во земјава има над 2 илјади диви и 54 нестандардни депонии, покажуваат проценките на Националниот план за управување со отпадот. Надлежните очекуваат дека ќе се реши проблемот со депониите преку петте регионални центри за фрлање отпад, од кои едниот треба да биде изграден во Русино, за потребите на Полошкиот Регион.
Потоа „Дрисла“ да биде за Скопскиот Регион, Новаци за Југозападниот и за Пелагонискиот Регион, Добрешинци за Југоисточниот и за Вардарскиот Регион и Свети Николе за Источниот и за Североисточниот Регион. За реализација на овие пет современи центри, одобрени се грант од Европската Унија и заем од Европската банка за обнова и развој.
Од граѓанската организација „Го грин“ предупредуваат дека доцнат проектите и дека државата треба активно да инвестира за да ја добие довербата на граѓаните.
– Локалното население нема доверба дека ќе бидат изградени депониите според стандардите и без негативно влијание врз животната средина. Важно е да им се покаже на луѓето дека овие проекти ќе донесат придобивки за нив – велат од „Гоу грин“.
Од Министерството за животна средина најавија дека изградбата на регионалната депонија во Свети Николе ќе започне кон крајот на 2025 година. Рокот за проектот за Свети Николе, кој е финансиран од фондовите на ЕУ, е 2026 година и доколку не се спроведе навреме, финансирањето од ЕУ ќе биде одземено.