Иако производството на вино придонесува со 17 до 20 проценти од бруто-земјоделскиот производ во земјава, тоа генерира големо количество био-отпад што има негативно влијание врз животната средина. За време на одгледувањето и бербата на грозјето се создаваат околу 5 тони цврст отпад по хектар годишно.

Целиот генериран био-отпад од лозјата моментално нееколошки се третира, со што секоја година во Македонија се согорува над 100.000 тони био-отпад, предизвикувајќи деградација на земјиштето и загадување на воздухот. Отпадот се третира на сличен начин и од страна на винопроизводителите и индивидуалните производители на грозје. Оваа пракса претставува проблем кој бара дополнителни напори, време и инвестиции од страна на властите и бизнисите.

Ова е наведено во анализата која е развиена во рамки на проектот „Развој на управување со органски отпад во производство на грозје и вино во Тиквешкиот Регион и ја истакнува потребата од посилен рамковен систем за поддршка на иницијативите за управување со био-отпад во согласност со меѓународните и ЕУ стандарди.

Направената детална анализа се темели на комбинација од секундарни и примарни податоци, вклучувајќи преглед на политики, статистика, теренски посети и детални интервјуа. Со оваа анализа се детектираа јазовите на национално и локално ниво, со цел да се обезбедат препораки за подобрување на управувањето со био-отпад од производство на грозје и вино на следните нивоа: институционално, финансиско, структурно, технолошко, култура и менталитет. Врз основа на наодите, во консултација со членовите од работната група за секој јаз се креираше препорака за негово надминување.

Препораките се однесуваат на подобрување на политичката рамка, зголемување на институционалните капацитети, унапредување на инфраструктурата, промовирање на инструментите за циркуларна економија и развој на ресурсите за циркуларноста во Тиквешкиот Регион. Тие истите ќе бидат користени како насоки за унапредување на моменталната состојба на локално и национално ниво, во поглед на воведување на принципите на циркуларната економија.